За прв пат во историјата, посетителите на Колосеумот ќе можат да влезат во Комодовиот премин, подземниот тунел што ја поврзувал надворешноста на амфитеатарот со царските ложи.
Колосеумот објави дека реставраторски работи, кои започнале минатиот октомври, биле завршени во септември, пишува „Рома Тудеј“.
Работите вклучувале реставрација на малтерот, создавање нов свод и пешачка патека, како и модернизирано осветлување. За прв пат, повторно се видливи декорациите на сводот со митолошки прикази на Дионис и Аријадна, како и сцени од гладијаторски борби и лов на животни.
Исто така тактилна мапа и видео реконструкција сега се достапни за посетителите.
„Отворањето на Комодовиот премин, ексклузивното засолниште на римскиот император претставува важно достигнување“, рече директорката на Археолошкиот парк, Алфонсина Русо.
Таа истакна дека проектот ги надминал проблемите со влагата и микроклимата што претходно го оневозможувале пристапот на јавноста.
Тунелот бил изграден кон крајот на 1 век од н. е., помеѓу владеењето на Домицијан и Трајан, а бил именуван по царот Комод, кој, според преданието таму преживеал обид за атентат.
Следната фаза од проектот, планирана за почетокот на следната година, ќе вклучува реставрација на дел од галеријата надвор од периметарот на Колосеумот, која посетителите ќе можат да го набљудуваат низ стаклени врати на крајот од турата.
Комодовиот премин бил откриен во 1810 година, а по повеќе истражувања и делумна реставрација, ќе биде отворен за јавноста на 27 октомври, секој понеделник и среда.