„Кога мајка ви ќе дојде по вас, кажете ѝ дека многу ја сакав“: Татко им го дал животот за да ги спаси од Титаник, таа кобна вечер го виделе за последен пат

Точка

09/10/2025

10:55

699

Големина на фонт

а а а

Животната приказна на Мишел Навратил уште од самиот почеток се разликувала од илјадници други европски имигранти кои сонувале за подобар живот во Америка. Навратил бил среде бракоразводна парница, а старателството над децата ѝ било доделено на неговата сопруга.

Сепак, родителите се договориле тогаш 4-годишниот Мишел и 2-годишниот Едмонд да отпатуваат со таткото во Америка, каде тој ќе се обиде да обезбеди посигурна егзистенција. Мајката Марсел дозволила децата да заминат со нејзиниот веќе поранешен сопруг за време на велигденските празници. Мишел Навратил постариот тргнал кон пристаништето, купил билети за бродот и патувањето кон „ветената земја“ започнало. Да купел билет само неколку дена подоцна, тие никогаш немало да се качат на кобниот „Титаник“ и најверојатно ќе продолжеле да живеат среќен живот во САД.

Се регистрирале како патници од втора класа, а таткото им дал лажни имиња на децата за да избегне премногу прашања од страна на француската полиција. Според друга верзија на приказната, мајката му дозволила да го помине Велигден со децата, но тој ја искористил таа можност да отпатува во Америка без нејзино знаење и дозвола. Нивниот син, Мишел помладиот, подоцна се присетил на патувањето, велејќи:


„Бродот ми изгледаше неверојатно — толку голем што не можев да му го видам крајот. Брат ми и јас си игравме на некоја од палубите и навистина уживавме во патувањето“.

Но, среќата не траела долго. Во таа кобна ноќ, бродот удрил во ледена санта и почнал да тоне. Браќата Навратил паметат дека од кабината ги изнел нивниот татко и еден непознат маж, кои ги однеле до чамец за спасување. Тоа бил последниот пат кога го виделе својот татко.

Зборовите што им ги упатил на разделбата, Мишел помладиот никогаш не ги заборавил:

„Кога мајка ви ќе дојде по вас, како што сигурно ќе направи, кажете ѝ дека многу ја сакав и дека сè уште ја сакам. Кажете ѝ дека очекував да нѐ следи за сите заедно да живееме среќно во мир и слобода во Новиот свет“. Никогаш повеќе не го виделе.


Мишел Навратил постариот загинал во леденото море, а неговите два сина биле единствените деца спасени од „Титаник“ кои останале без родители или старатели. По несреќата, Мишел и Едмонд станале медиумска сензација. Привремено биле згрижени кај преживеаната Маргарет Хејс, која живеела на елитниот Апер Вест Сајд на Менхетн.

Властите вложиле големи напори да пронајдат роднини на браќата, но поради тоа што биле заведени под лажни имиња — Луј и Лола — тоа било речиси невозможно. Ги нарекувале „сирачињата од Титаник“, а новински напис од 1912 година опишува како децата одговарале со едноставно „да“ на секое прашање на францускиот конзул, повеќе заинтересирани за новите играчки што ги добиле отколку за разговорите со возрасните. Во истиот напис се пренесува и изјава на таткото на Маргарет Хејс, кој, на прашањето дали децата може да се идентификуваат според картите што ги купил нивниот татко, одговорил ладнокрвно:

„Никогаш не сум патувал во втора класа, па не знам ништо за тоа“.


Овој коментар јасно ја покажува суровата реалност — колку парите и богатството можеле да влијаат на спасување на животите. Имено, „Титаник“ бил поделен по класи. Од прва класа преживеале 324 патници, од втора — 201, додека од третата класа, од вкупно 708 патници, биле спасени само 181. За тоа подоцна бил свесен и самиот Мишел:

„На бродот постоеја огромни социјални разлики. Подоцна сфатив дека, ако не бевме во втора класа, ќе бевме мртви“.

Новинските написи, заедно со фотографиите на децата, одиграле клучна улога во нивната идентификација. Во меѓувреме, нивната мајка Марсел очајнички ги барала своите синови од другата страна на Атлантикот. Откако разбрала дека нејзиниот поранешен сопруг загинал во несреќата, правела сè за да дознае што се случило со децата. Вестите од Америка почнале да пристигнуваат и во Европа, и во еден весник Марсел препознала фотографија од своите деца. Откако го потврдила нивниот идентитет, веднаш се качила на првиот брод кон Њујорк — и конечно ги прегрнала своите синови. Потоа, семејството се вратило во Франција, пишува „Express“.

Телото на Мишел Навратил постариот било пронајдено. Поради лажните документи што ги носел, властите претпоставиле дека презимето Хофман е еврејско, па бил погребан на Еврeјските гробишта во канадската провинција Нова Шкотска, заедно со другите жртви од несреќата.


Неговиот помлад син, Едмонд, учествувал во Втората светска војна, но по бегство од нацистички логор, се вратил тешко болен и починал во 1953 година.

Постариот син, Мишел Марсел, станал професор по филозофија. Учествувал на речиси сите комеморативни настани и собири на преживеаните од „Титаник“, а неговата ќерка Елизабет ја преточила неговата животна приказна во книга. Доживеал длабока старост — починал во 2001 година, на 92-годишна возраст. До моментот на неговата смрт, бил најстариот преживеан маж од „Титаник“.