Зеленски: Ако Трамп ни испрати ракети „Томахавк“, ќе го номинираме за Нобелова награда

Макфакс

09/10/2025

13:29

134

Големина на фонт

а а а

Киев ќе го номинира Доналд Трамп за Нобелова награда за мир ако испрати ракети „Томахавк“ во Украина и помогне во посредувањето за прекин на огнот со Русија, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Коментирајќи го состанокот што го имаше со американскиот претседател на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк кон крајот на септември, Зеленски им рече на новинарите во Киев: „За време на нашиот последен состанок, не слушнав „не“. Она што го слушнав беше дека работата ќе продолжи на техничко ниво и дека оваа можност ќе се разгледа“.

„Планот за завршување на војната нема да биде лесен, но тоа е секако патот напред. И ако Трамп му даде на светот – а особено на украинскиот народ – шанса за таков прекин на огнот, тогаш да, тој треба да биде номиниран за Нобелова награда за мир“, рече Зеленски. „Ние ќе го номинираме во име на Украина“.

Политико потсетува дека Трамп претходно водеше кампања за престижната награда, тврдејќи дека завршил седум војни.

Зеленски, исто така, истакна дека ракетите „Томахавк“, со дострел до 1.500 километри, ќе ѝ овозможат на Украина да погоди цели длабоко во Русија, сè до Сибир.

Според него, ова ќе ја зајакне Украина и „малку ќе ги отрезни Русите, доведувајќи ги на преговарачка маса“. Тој истакна дека Киев побарал прецизни ракети со долг дострел за време на мандатот на Џо Бајден, но барањето било одбиено.

Трамп во понеделник изјави дека „некако“ донел одлука да ги испрати ракетите во Украина, но сакал да разјасни како ќе се користат.

„Некако се одлучив. Мислам дека сакам да дознаам што прават со нив, каде ги испраќаат, претпоставувам. Морам да го поставам тоа прашање“, рече Трамп, додавајќи дека не сака ескалација на конфликтот.

На објавата реагираше и Москва. Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, предупреди дека испраќањето на Томахавците во Киев „ќе доведе до нова сериозна фаза на ескалација на украинската криза, но исто така ќе предизвика непоправлива штета на руско-американските односи“.