ЗНАМ ја промовира програмата за култура, уметност и традиција за Куманово

Макфакс

09/10/2025

13:45

149

Големина на фонт

а а а

Куманово отсекогаш било град на културата, талентите и уметноста. Град во кој се спојуваат традицијата и современоста, старото и новото, автентичното и модерното. Општината ќе продолжи да биде чувар и поддржувач на културниот идентитет, место каде што уметноста се негува, а традицијата се почитува, рече денеска на презентацијата на програмата на Движењето ЗНАМ за Куманово за овие локалкни избори, кандидатката за советник Јелена Пауновиќ.

„Во изминатите години активно вложувавме во културата – реконструкција на објекти од историско значење, поддршка на фестивали, манифестации и културно-уметнички друштва. Организиравме настани што го збогатија културниот живот, но и го афирмираа Куманово како културен центар на североисточниот регион“, рече Пауновиќ.

Таа кажа дека во програмата ЗНАМ предвидува уште повеќе промотивни активности.

Дел од нив се зголемување на буџетот за културни програми со цел побогата и подостапна понуда за граѓаните, целосно финансирање на традиционални настани кои се дел од културниот идентитет на Куманово, идентификување на најуспешните културни манифестации и нивно издигнување на повисоко ниво – регионални и меѓународни фестивали, заштита и ревитализација на културното наследство – објекти, локалитети и симболи на градот, формирање културен центар или изложбена поставка за историјата и развојот на Куманово, изработка на туристички водич за култура и историја на Куманово, со цел поттик на културниот туризам, промоција на локални атрактивни дестинации и нивна интеграција во туристички понуди, кумановско културно лето со концерти, театар и уметнички програми на Спомен костурницата, летен филмски фестивал на отворено за промоција на филмската уметност.

Куманово, потенцираше Пауновиќ, не е само град на историја, туку град на создавање. Град кој дише преку уметноста, се гордее со своите таленти и живее преку својата култура.