Трамп за договорот за војната во Газа: Неверојатно е, целиот свет се обедини; Нетанјаху: Голем ден за Израел

Макфакс

09/10/2025

09:10

991

Големина на фонт

а а а

Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека Иран би можел да биде дел од поширок мировен договор на Блискиот Исток по завршувањето на војната во Газа, изразувајќи голема доверба дека неговиот план ќе доведе до траен мир во регионот, јавува агенцијата „Анадолу“.

Трамп го објави постигнувањето на мировен договор меѓу Израел и Хамас, припишувајќи го крајот на повеќемесечниот застој на „среќа“ и „талент“. Договорот би можел да го означи крајот на двегодишната војна на Блискиот Исток, јавува „Фокс њуз“.

Трамп рече дека имал многу добри разговори со Иран за она што го опиша како неодреден договор, помалку од четири месеци откако САД извршија напади врз цели поврзани со нуклеарната програма на Иран во јуни.

Според него, Иран во тоа време бил еден или два месеци подалеку од нуклеарно оружје и нагласил дека без да се спречи тоа сценарио, овој договор не би бил можен.

Зборувајќи за својот предлог за прекин на војната во Газа, Трамп нагласи дека е многу уверен дека по ова ќе се постигне поширок мировен договор во регионот.

„Ќе имаме мир. Верувам дека Иран всушност ќе биде дел од тој мировен процес. Земјите што претходно не се согласуваа сега се вклучени и тоа, искрено, го обедини целиот свет. Неверојатно е. Целиот свет се обедини, искрено. Толку многу земји за кои не би помислиле се обединија. Светот се обедини околу овој договор“, рече Трамп во интервју за „Фокс њуз“.

Тој додаде дека работите ќе бидат многу различни на Блискиот Исток, но и низ целиот свет.


„Сите околни земји потпишаа. Мислам, сите потпишаа и тоа беше навистина неверојатно време и толку одлично за Израел, толку одлично за муслиманите, за арапските земји и толку одлично за оваа земја, за Соединетите Американски Држави“, рече Трамп. „Ова е повеќе од Газа, ова е мир на Блискиот Исток и тоа е неверојатна работа.“

Претходно Трамп објави дека Израел и Хамас ја прифатиле првата фаза од предлогот на САД за прекин на војната во Газа.

„Сите заложници ќе бидат ослободени многу наскоро, а Израел ќе ги повлече своите трупи на договорената линија како први чекори кон силен, траен и вечен мир“, рече Трамп, додавајќи дека „сите страни ќе бидат третирани праведно“.

Официјален претставник на Белата куќа изјави за „Анадолија“ дека ослободувањето на заложниците се очекува во понеделник.

Трамп, исто така, потврди дека размислува за посета на Египет подоцна оваа недела, по планираната посета на воената болница „Волтер Рид“ во петок.

Според Палестинската власт, израелските операции во Газа од октомври 2023 година убиле речиси 67.200 Палестинци, претежно жени и деца, а енклавата е речиси целосно уништена.

Американскиот претседател рече дека по спроведувањето на мировниот план, Газа ќе стане многу побезбедно место и дека земјите од регионот ќе помогнат во неговата реконструкција.

„Ќе бидеме вклучени за да им помогнеме да успеат и да одржат сè мирно – и мислам дека ќе биде мирно“, заклучи Трамп.

Нетанјаху: Голем ден за Израел

Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, објави дека подоцна денес ќе свика состанок на кабинетот за да го одобри договорот за Газа, јавува агенцијата „Анадолу“.

„Голем ден за Израел“, напиша Нетанјаху на социјалната мрежа X.

Неговата изјава дојде кратко откако американскиот претседател Доналд Трамп објави дека Израел и палестинската група Хамас ја прифатиле првата фаза од мировниот план на САД за Газа.

Нетанјаху им се заблагодари на Трамп и на неговиот тим за нивната посветеност на оваа, како што вели, света мисија за ослободување на заложниците.


„Со Божја помош, ќе продолжиме да ги постигнуваме сите наши цели и да шириме мир со нашите соседи“, рече израелскиот премиер.

Тој нагласи дека со одобрувањето на првата фаза од планот, сите израелски заложници ќе бидат вратени дома, нарекувајќи го договорот дипломатски успех и национална и морална победа за Израел.

„Од самиот почеток бев јасен: нема да се смириме додека не се вратат сите наши заложници и додека не ги постигнеме сите наши цели“, додаде Нетанјаху. Тој му се заблагодари на Трамп за неговиот голем напор, лидерство, партнерство и непоколеблива посветеност на безбедноста на Израел и слободата на заложниците.

Израелскиот министер за одбрана Израел Кац, исто така, им честиташе на Нетанјаху и Трамп за договорот, велејќи: „Топло ги прегрнувам семејствата на заложниците за очекуваното враќање на нивните најблиски, вклучувајќи ги војниците на ИДФ и паднатите херои кои наскоро ќе бидат дома“.