[ВИДЕО] Андоновска: Мегафоните на СДСМ повикуваат на ликвидација на Мицкоски

Макфакс

09/10/2025

12:34

115

Големина на фонт

а а а

Повод за овој прес е срамната и морбидна објава на социјалните мрежи од Бранко Тричковски, долгогодишен пропагандист и медиумски гласноговорник на СДС, кој во врска со настанот со лажната дојава за бомба во центарот на Скопје, пишува – цитираме: „Најголем предизборен штос би направиле кога во куферот би го напикале распарчaното тело на Христијан!“, изјави Викторија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ.

Според неа, овој морбиден испад не е изолиран случај, ниту дело на поединец со нарушена психолошка состојба. Според Андоновска, тоа е резултат на системскиот очај и политичкиот банкрот на СДС, кои, свесни дека немаат што да им понудат на граѓаните, се потпираат на омраза, лаги и повици на насилство.

„Кога мегaфоните на СДС повикуваат на распарчување на премиерот, тоа не е хумор – тоа е црна пропаганда насочена кон создавање страв, поделби и дестабилизација во изборен период. Тоа е дел од стратегијата на една потоната партија, која, наместо идеи, нуди омраза и агресија. Дополнително, фактот што медиуми кои важат блиски до СДС редовно ги објавуваат и промовираат ставовите на Тричковски, покажува дека станува збор за организирана хајка, диригирана од ист центар, со цел да се поттикне тензија, да се создаде впечаток на страв и да се измести фокусот од реалните теми што ја мачат државата и граѓаните. Да нема забуна – ова не е еден човек што зборува сам за себе, ова е гласот на очајот на СДС, кој се слуша преку нивните медиумски издувни вентили. Исто така, треба јасно да се потенцира и одговорноста на медиумите кои ги пренесуваат овие пораки — дали тоа го прават по налог и како дел од сценарио, или затоа што веруваат и се согласуваат со она што тој го пишува; во секој случај тие се соучесници во ширењето омраза и закани“, рече Андоновска.

Таа ги повика надлежните органи да проверат дали Тричковски има формални поврзаности со политички структури.

„Јасно нагласуваме: ова не е слобода на говор, туку повик за убиство — повик за криминален акт против животот на друг човек. Затоа, сите кои ги шират, ги оправдуваат или ќе го штитат овој човек немаат оправдување; тие се соучесници во поттикнувањето и нормализирањето на опасната реторика“, рече Андоновска и ги повика СДС јавно да се оградат од овој, како што кажа, срамен чин.