Ѓорѓиевски ја вети подземната кај „Лимак“ што ја ветуваа и Арсовска, Шилегов и Трајановски: Ќе ја смени сообраќајната иднина на градот

Макфакс

09/10/2025

12:30

132

Големина на фонт

а а а

Проектот за подземната сообраќајница кај„Лимак“ не е само дел од мојата програма туку е вистински пресврт за централното градско подрачје, рече денес кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски. И тој како и неговите претходници Данела Арсовска, Петре Шилегов и Коце Трајановски, им вети на скопјани дека ќе изгради три кружни тека со кои ќе ја поврзе подземната сообраќајница, која пак треба целосно да ја изгради „Лимак“.

„Се работи за клучен проект што ќе го растовари целосно метежот во центарот на Скопје. Новиот кружен тек кај Нова Македонија, и двата кружни тека кај булеварот Кочо Рацин и улица Железничка, кај што се наоѓаме во моментов, ќе донесат побезбеден проток и паметни сообраќајни решенија според европските стандарди. Со пуштањето во употреба на подземната сообраќајница под ’Лимак’, Скопје ја добива првата подземна сообраќајница во нашиот главен град, нешто што досега било несвојствено за нашата држава. Таа ќе има шест ленти, четири за двонасочен сообраќај за автомобили, две за автобуси и дополнителни тротоари за пешаци. Со оваа подземна сообраќајница под ’Лимак’, сообраќајот би течел сосема непречено, а центарот ќе заживее значително растоварување што ќе го направи движењето низ целиот град многу покомфорно и пред се побезбедно“, рече Ѓорѓиевски.

Тој најави и уште еден проект што многумина пред него го ветуваа но се покажа дека е тежок за реализација па остана само на хартија иако се правеа низа анализи, проекти и планови изминативе три децении.

„Мислам дека ќе успееме да постигнеме и целосно ослободување од метежот во Центарот бидејќи предвидуваме уште едно капитално решение, а тоа е улицата Даме Груев да премине во булеварско решение. Иако постојат предизвици со зградата на ’Макотекс’ имаме јасен план за правно и техничко решение“, вели Ѓорѓиевски.

Паркирањето во Центар Ѓорѓиевски најави дека ќе го растоварува со нова катна гаража зад Буњаковец, на местото на дотрајаните бараки и сегашниот монтажен паркинг, а заедно со Мирослав Лабудовиќ, кандидатот за градоначалник на Општина Центар од ЗНАМ, најавија изградба на монтажни паркинзи под Калето и во Капиштец покрај другите заеднички проекти за надминување на сегашниот хаос во градот и во Центар.