Ван Бастен за одлуката која ја одобри УЕФА: Ла Лига ќе стане фалсификувано првенство!

Дерби

08/10/2025

19:04

659

Големина на фонт

а а а

Марко Ван Бастен важи за еден од најдобрите голгетери на сите времиња и во последно време е актуелен како фудбалски аналитичар, а како таков, сега си даде право да се огласи на тема која е доста популарна во јавноста во изминатите неколку дена.

УЕФА го одобри барањето на шпанската и италијанската Федерација за играње национални натпревари надвор од рамките на споменатите земји, па така во наредниот период треба да гледаме по еден натпревар од Ла Лига и Серија А во Мајами (САД), односно Перт (Австралија).

Натпреварот Вилјареал-Барселона на 20-ти декември е програмиран да се одигра во Мајами, додека оној меѓу Милан и Комо во Перт (6 февруари 2026 година), а како легенда која настапуваше за „росонерите“, Ван Бастен испорача сериозна критика за ваквата идеја.

Со оглед на тоа што доби прашање за иницијативата која ја води Ла Лига за промовирање на шпанскиот фудбал и далеку од Европа, Ван Бастен воглавно говореше за шпанското првенство, но јасно е дека истото мислење важи и за Серија А.

– Имате првенства кои се играат во Шпанија и Италија, а потоа одеднаш истото натпреварување треба да се игра на друга страна на светот. Тоа е неправедно кон тимот кој треба да биде домаќин, ја губи предноста која би ја имал на домашен терен. Мислам дека ова е луда одлука која оди против волјата и интересите на фановите.

– Не знам за каква комедија станува збор, но навистина не го разбирам ова. Со ваков потег, се покажува недостиг на почит кон сопствените фанови и кон твојата земја. Ла Лига ќе стане фалсификувано првенство, со ваков чин ќе се наруши натпреварувачкиот дух и сметам дека овие натпревари треба да бидат забранети, – заклучува Ван Бастен.