Стивен Џерард беше специјален гостин во последното издание на поткастот кој го води Рио Фердинанд, а заедно со својот голем ривал од Манчестер Јунајтед, двајцата се обидоа да образложат зошто никогаш не постигнаа успех како англиски репрезентативци.
Поточно, главниот збор го имаше легендарниот капитен на Ливерпул, кој во разговорот со Рио се обиде да образложи зошто „златната генерација“ на Англија не оствари ниту еден позначаен успех, односно не мина подалеку од едно четвртфинале на било кое големо натпреварување.
– Ќе кажам дека бевме неуспешни бидејќи бевме егоцентрични лузери. Тоа го велам сега кога гледам на работите од поинаква перспектива. Сега гледам како јас и ти седиме во иста соба и зборуваме доста долго, гледам како Сколс седи заедно со Карагер и изгледаат како најдобри пријатели, а истото важи и за Гери Невил со Карагер.
– Мислам дека не успеавме поради ривалството и културата која владееше во Англија. Ние не бевме тим, бевме само група исполнета со извонредни индивидуалци. Имаше премногу голем талент, но знаеме дека тоа не е доволно за да се создаде победнички тим, – порачува Џерард, кој открива дека ги мразел собирите за репрезентацијата.
– Да бидам искрен, јас ги мразев репрезентативните собири. Да не бидам погрешно сфатен, јас бев горд и уживав да играм за Англија, но мразев се останато освен натпреварите и тренинзите. Немав комуникација со соиграчите, понекогаш седев во хотелската соба по седум часа и не правев ништо. Не се чувствував како дел од тимот и затоа имав такво чувство, – завршува Стиви Џи.