Американскиот истражувач Фред Рамсдел, еден од тројцата овогодишни добитници на Нобеловата награда за медицина, конечно бил известен за оваа награда, 12 часа по останатите добитници, бидејќи неговиот телефон бил во авионски режим за време на планинарењето и немал мрежна конекција.
Тој за „Њујорк тајмс“ изјавил дека вчера бил во природа на северозападниот дел од САД, додека организаторите на Нобеловата награда, медиумите и пријателите залудно се обидувале да го контактираат.
Конечно дознал дека ја освоил најпрестижната награда, благодарение на неговата сопруга, со која планинареле. Нејзиниот телефон бил полн со пораки што ги видела дури кога повторно добила сигнал.
„Њујорк тајмс“ објави дека Рамсдел потоа се обидел да го повика генералниот секретар на Нобеловиот комитет, Томас Перлман, но веќе било доцна навечер во Шведска и не разговарале до утрово.
Мери Е. Бранкоу (Mary E. Brunkow), Фред Рамсдел (Ramsdelle) и Шимон Сакагучи (Shimon Sakaguchi) се добитници на овогодишната Нобелова награда за медицина, за откритија за „периферната имунотолеранција“, објави вчера Институтот Каролинска во Стокхолм.
„Периферната имунотолеранција“ е механизам со кој телото „се осигурува“ дека имунолошкиот систем не е нарушен и ги напаѓа сопствените ткива наместо странските напаѓачи, со што се спречуваат автоимуни болести и алергии.
Рамсдел (64), е научен советник на компанијата „Сонома биотерапевтикс“ во Сан Франциско, која за АФП изјави дека тој „ужива во животот“ на тринеделна планинарска прошетка „без мрежа“ со сопругата во планините во сојузните држави Ајдахо, Вајоминг и Монтана.
Тој за „Њујорк тајмс“ изјави дека се труди да помине што е можно повеќе време во планината и дека е благодарен и почестен од наградата и едвај чека да ја сподели со своите колеги.
Покрај дипломите и златните медали, тие добиваат и чек од 11 милиони шведски круни (околу еден милион евра) кои ќе ги поделат.