Центар не е само општина – тоа е дух, приказна и начин на живот, порача кандидатот за градоначалник на Општина Центар од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Мирослав Лабудовиќ, во својата денешна изјава.
Лабудовиќ истакна дека целта е да се врати вистинскиот маалски дух кој некогаш го правел Центар жив, топол и полн со енергија.
„Центар мора повторно да ги разбуди своите маала – местата каде што луѓето се поздравуваа со насмевка, каде што се седеше на клупа под липа, каде што се делеше и радост и мака. Денес тој дух е загубен меѓу бетон, сообраќаен метеж и бучава. Моја визија е повторно да го оживееме маалскиот живот – да создадеме средина каде што секој граѓанин ќе се чувствува спокојно, безбедно и гордо што живее токму овде“, истакна Лабудовиќ.
„Затоа, ќе ги уредиме и осветлиме запуштените зелените катчиња и детските игралишта во Капиштец и ќе ја обновиме уништената урбана опрема. Во Дебар Маало ќе создадеме нови пешачки зони и велосипедски патеки, а се разбира ќе има и повеќе паркинг простор и слободни тротоари.. Во Буњаковец ќе има нова катна гаража која ќе ги ослободи улиците. Во Градски ѕид ќе ги обновиме плочниците и ќе засадиме нови дрвја. И, многу други нешта во сите центарски маала“, истакна Лабудовиќ.
Тој додаде дека обновата на Центар не значи само изградба и инфраструктура – туку обновување на човечките вредности: довербата, солидарноста и заедништвото.
„Со ревитализација на старите маала, со зачувување на она што е дел од нашето секојдневие и создавање нови јавни простори – ќе им го вратиме на центарци она што најмногу им недостига: блискоста, припадноста и човечката топлина. Секое маало ќе биде мало срце на нашата општина – пулсот на едно современо, но топло Скопје“, нагласи Лабудовиќ.
Кандидатот за градоначалник порача дека центарци отсекогаш знаеле што е вистинска вредност.