Скопје, 5 октомври 2025 — Голем дел од главниот град вечерва остана без вода, а во некои населби притисокот е значително намален, откако пукна главна водоводна цевка во скопската населба Влае.
Од ЈП „Водовод и канализација – Скопје“ информираа дека дефектот е на цевка со дијаметар Ф600 мм, лоцирана на улицата Франце Прешерн бр. 100Д. Водата предизвикала поплава на дел од улицата и околните дворови.
„Нашите екипи се веќе на терен и работат интензивно на санација на дефектот. Водоснабдувањето ќе биде нормализирано веднаш по завршување на работните активности,“ соопштија од претпријатието.
Жители од Влае, Хром, Ѓорче Петров и Карпош пријавуваат дека целосно немаат вода, додека делови од Центар, Аеродром и Тафталиџе имаат слаб притисок.
Од „Водовод“ апелираат на трпение и разбирање, уверувајќи дека водоснабдувањето ќе се стабилизира во текот на ноќта.