Кандидатите за градоначалници на Скопје и на Карпош, Орце Ѓорѓиевски и Сотир Лукровски најавија дека запуштениот простор околу реката Лепенец по преземањето на власта, заеднички ќе го претворат во симбол на еколошка обнова и современо градско живеење. Ќе изградат мегапарк од 300.000 квадратни метри.
„Ќе го претвориме ова подрачје во современ, зелен простор, уреден по европски стандарди. Паркот ќе се простира по течението на реката Лепенец на потегот меѓу Бардовци, Злокуќани и Даме Груев и ќе опфаќа површина од над 300 илјади квадратни метри. Тој ќе биде првиот парк што ќе поврзува повеќе скопски општини и ќе биде наменет за сите граѓани на Скопје, не само за карпошани. Ќе создадеме нова урбана оаза за рекреација, спорт, семејни активности со што ќе му го вратиме животот на ова заборавено градско ткиво“, рече Ѓорѓиевски.
Освен тоа, планираат и зелени коридори по целата должина на течението на Лепенец со пешачки и велосипедски патеки кои ќе ги поврзуваат населбите, парковите, но и јавните институции.
Во визијата за зелено Скопје, планираат и низа капитални парковски проекти во секоја општина.
„Предвидуваме и мегапарк Вардариште што ќе ја претвори поранешната депонијата во европски пример за зелена рекултивација. Градска шума во Расадник во Кисела Вода, најголемиот зелен проект во урбаното подрачје, мегапарк долж булеварот Христијан Тодоровски Карпош, првиот зелен коридор од ваков обем во Бутел како и проектот скопски зелен архипелаг кој предвидува 50 нови маалски паркови низ сите делови од нашиот главен град“, најави Ѓорѓиевски и нагласи дека планираат обнова за современ изглед и на Градски парк и на парк-шумата Гази Баба.
За Карпош, Ѓорѓиевски кажа дека во план име доизградба на булеварот Љубљанска, довршување на клучката Момин поток и реконструкција на Загрепска.
Лукровски дополни дека во мегапаркот кај Лепенец се планира ботаничка градина која ќе има и едукативен карактер, картинг стаза со европски стандарди, терен за голф и многу други содржини.