Грузискиот премиер Иракли Кобахизе изјави дека демонстрантите кои се обидоа насилно да влезат во претседателската палата всушност се обидуваат да ја соборат владата и ја обвини Европската Унија за мешање во грузиската политика.
Грузиската полиција за немири вчера употреби солзавец и водени топови за да ги растера демонстрантите пред претседателската палата и приведе пет активисти кои учествуваа во големиот протест организиран од опозицијата на денот на одржувањето на локалните избори, објави Ројтерс.
Кобахизе, прорускиот премиер на Грузија, рече дека на собирот учествувале до 7.000 луѓе, но дека нивниот обид за соборување на уставниот поредок не успеал, и покрај поддршката од Европската Унија.
Тој го обвини амбасадорот на ЕУ, Павел Херчински, за мешање во грузиската политика и го повика да ги осуди протестите.
„Знаете дека одредени лица од странство дури и отворено ја изразија својата поддршка за сето ова, односно за најавениот обид за уривање на уставниот поредок. Во овој контекст, амбасадорот на Европската Унија во Грузија носи посебна одговорност. Тој треба јавно да излезе, да се дистанцира и најостро да го осуди сè што се случува на улиците на Тбилиси – нагласи Кобахизе.
Европската унија не ги коментираше тврдењата, но во јули дипломатската служба на ЕУ ги отфрли и ги нарече дезинформации и неосновани обвинувањата од грузиските власти за наводната улога на ЕУ во Грузија.
– Неодамнешните објави во кои лажно се тврди дека Европската Унија сака да ја дестабилизира Грузија, да ја вовлече во војна или да наметне таканаречени „нетрадиционални вредности“ се намерен обид за заблуда на јавноста, објави ЕУ во јули.