Движењето ЗНАМ – За наша Македонија денеска на прес конференција зборуваше за животната средина. Нешто што, како што рекоа, е поважно од сите нас во Куманово.
„Таа е заеднички дом за сите нас. Дишеме ист воздух, делиме ист простор и одговорни сме за истата иднина – затоа мораме заеднички да ја чуваме, нејзиното штитење е голем предизвик за сите нас. Предизвик кој сме должни да го надминеме и да го реализираме во целост“, рече кандидатот за советник од советничката листа на ЗНАМ Тамара Тренчевска.
Нашата цел, додаде таа, е да ја подигнеме еколошка свест и да создадеме зелена и чиста Општина, во која секој граѓанин ќе има можност за здрав живот.
Тренчевска ги наведе приритетните проекти што се предвидени во програмата: поставување на соларни панели на јавни објекти, установи и институции и енергетско ефикасни фасади, интегриран систем за селекција, сепарација, транспорт и преработка на отпад, дигитална контрола и мониторинг за регулирање на бучава во угостителски објекти, видеонадзор на јавни површини и точки од јавен интерес за заштита на имот и животна средина, ширење на секундарна дистрибутивна гасоводна мрежа со фокус на јавни објекти, индустриски капацитети (с. Добрашане, нас. Карпош, индустриска зона Новини и Речица), колективни станбени згради и домаќинства, намалување на цената за приклучок на гасоводна мрежа, зајакнување на капацитетите на Сектор за инспекциски надзор во Општината, зајакнување на капацитетите на ЈП „Чистота и зеленило“ и зголемување на буџетот за одржување на хигиенатам, зголемен интензитет на перење на улици и плоштади, замена на сите постојни надземни контејнери во централно подрачје со полуподземни контејнери, поставување на дополнителни контејнери за селекција на отпад, нови контејнери на локации каде што има потреба, поголем број мали корпи за отпадоци на јавни површини со висока фреквенција, зголемена инспекциска контрола на критични подрачја и речни корита, континуирано чистење на речните корита во градот, зголемена едукација за екологија на учениците од најрана возраст, продолжување на Субвенции за користење на клима уреди, кампањи за подигнување на јавната свест за заштита на животната средина со поддршка на НВО, активизам и волонтерски организации и поставување мерни станици за квалитет на воздух на повеќе клучни локации.