Стотици планинари заробени од снежна бура во близина на источната страна на Монт Еверест во Тибет се успешно спасени и однесени на безбедно место, објавија синоќа кинеските државни медиуми.
Невообичаено обилни снежни врнежи и дожд ги погодија Хималаите, а до недела, 350 планинари стигнаа до населбата Куданг, додека со преостанатите 200 беше воспоставен контакт, објавува CCTV и известува CNN.
Планинарите се собраа во голем број во оддалечената долина Карма, која води до источната страна на Еверест позната како Кангшунг, искористувајќи го осумдневниот празник на Националниот ден во Кина.
„Беше толку влажно и ладно во планините, а хипотермијата беше вистинска опасност“, рече Чен Гешуанг, член на тимот од 18 члена што пристигна во Куданг. „Времето оваа година не е нормално. Водичот рече дека никогаш не се сретнал со такво време во октомври. Сè се случи одеднаш“, додаде Чен во изјава за „Ројтерс“.
Стотици локални жители и спасувачки екипи беа зафатени со чистење на снегот што го блокираше пристапот до областа каде што, според претходен извештај на државниот медиум Jimu News, беа заробени речиси 1.000 луѓе.
Извештајот на CCTV не прецизираше дали бројот на спасени лица вклучува локални водичи и помошен персонал. Исто така, останува нејасно дали бурата ги погодила и алпинистите на северната страна на Еверест. Оваа страна, поради полесниот пристап по асфалтиран пат, е популарна кај туристите, а октомври е шпицот на сезоната бидејќи времето обично се стабилизира по завршувањето на индискиот монсун.
Според локалниот туристички одбор, продажбата на билети и пристапот до целата област на Еверест се прекинати од саботата навечер.