[ФОТО/ВИДЕО] На островот кој годишно го посетуваат илјадници луѓе, живее само еден човек: Секојдневно ужива во Сината лагуна која многумина ја сметаат за најубава на светот

Точка

03/10/2025

15:19

871

Големина на фонт

а а а

Медитеранската островска држава позната по своите историски тврдини, големиот број сончеви денови и азурното сино море крие еден необичен бисер во својот архипелаг. Помеѓу главниот остров Малта и Гозо е сместен Комино – островче кое на само 3,5 квадратни километри спојува драматични карпи, медитерански мириси и море во боја на карипски рај.

Сината лагуна, неговото најпознато лице, привлекува илјадници туристи секоја година, но надвор од летната гужва, Комино живее со еден сосема поинаков, речиси нереален ритам…

Салву Вела, единствениот жител на Комино, својот живот го посветил на морето и чувањето на начинот на живот кој полека исчезнува

Иако летно време дневно го посетуваат повеќе луѓе отколку што имаат многу македонски градови имаат жители, Комино денес е дом само на едно лице. Неговото име е Салву Вела — човек кој со децении живее на ова изолирано парче земја, речиси целосно одвоен од остатокот на светот.


Во минатото, Комино имал повеќе постојани жители, но некои починале, а другите со текот на времето се преселиле на блискиот остров Гозо. Така Салву останал последниот постојан жител на островот, чувар на неговиот единствен начин на живот и сведок на тоа како полека исчезнува една мала заедница.

Салву, сега во своите седумдесетти, никогаш не се оддалечил многу. Според пишувањето на малтешкиот портал imaltaboattrips, најдолго што бил надвор од островот било само три ноќи. Тој е самоук мајстор кој со свои раце изработува конструкции и изуми – од приколки за чамци до дронови што сам ги составил. Неговиот живот не е обележан со брз и стресен ритам, туку со тивок, доследен тек што ги следи промените на годишните времиња и брановите што го заплискуваат крајбрежјето.

Островот Комино живее преку лето

Од јуни до септември, Комино станува едно од најпосетуваните места на Малта. Чамци постојано пристигнуваат во Сината лагуна, од кои туристите излегуваат воодушевени од речиси нереално бистрата вода и белиот песок. Плажите се преполни, лагуната полна со чамци, а мирисот на крема за сончање се меша со аромата на мајчина душица што расте насекаде по островот.

За Салву, тоа е време кога неговиот дом станува центар на вниманието, иако тој често се повлекува во својата едноставна камена куќа, далеку од метежот. Туристите доаѓаат и си заминуваат на еднодневни излети, и најчесто не ни забележуваат дека некој навистина живее тука цела година. Само неколку љубопитници ќе застанат и ќе се запрашаат – како ли изгледа животот во местото што во зима целосно замолчува?


Кога туристичките бродови ќе престанат да доаѓаат, Комино си се враќа самиот на себе. Во зима, островот е речиси целосно празен. Морето знае да биде немирно, а ветровите силни, што понекогаш значи и денови без можност за пристигнување на траект од Малта или Гозо. Токму тогаш островот го покажува своето друго лице: тивко, меланхолично и сурово.

Салву во тие месеци го наоѓа својот мир – се занимава со своите изуми и со одржување на сè што останало. Набавките се планираат однапред, бидејќи нема продавници, а и за најосновните потреби мора да се допреми сè со брод.

Најголемата атракција на Комино е Сината Лагуна

Сината лагуна е срцето и заштитниот знак на Комино – место што со своите неверојатни нијанси на сина и тиркизна боја го заслужило епитетот еден од најубавите заливи на Средоземјето. Сместена помеѓу Комино и минијатурниот остров Коминото, оваа природна лагуна изгледа како сцена од тропските краишта, иако е оддалечена само неколку минути со брод од главниот остров Малта.

Морето тука е толку бистро што се гледаат и најситните детали на дното, а интензивната боја создава речиси нереален контраст со сувиот, каменит пејзаж на островот. Токму таа комбинација на драматични карпи, бел песок и тиркизна вода ја прави Сината лагуна место што речиси е невозможно да се заборави.


Пиратско засолниште и опасно место за морнарите

Иако денес е познат по Сината лагуна и по фактот дека на него живее само еден жител, Комино има изненадувачки богата и разновидна историја. Неговото име потекнува од дивиот ким (лат. cuminum), кој во минатото изобилно растел низ целиот остров и бил важен зачин во локалната кујна.

Во текот на средниот век, островот имал репутација на опасно место. Поради својата изолираност, бил омилено скривалиште за гусари и шверцери, а воедно и незгодна точка за морнари кои често го избегнувале пристанувањето за да не станат лесна цел.


Во 17. век, на највисоката точка на островот е изградена кулата Санта Марија — импресивна одбранбена тврдина, која и денес е во одлична состојба. Изградена е во 1618 година, за време на владеењето на витезите на Свети Јован, и служела како стражарница за надзор на морските премини помеѓу Гозо и Малта.

Во текот на историјата била и воен гарнизон, но и затвор. Во неа се чувале заробеници кои биле принудени да веслаат на галии. Денес кулата е реставрирана и е отворена за посетители неколку пати неделно за време на летната сезона.

Заштитен природен резерват со уникатна флора и фауна

Интересен факт е дека Комино во 19. век бил користен како карантински остров за време на епидемија на чума. Заболените биле изолирани тука за да се спречи ширењето на болеста, што дополнително ја зацврстило репутацијата на островот како место оддалечено од остатокот на светот.

Во поново време, благодарение на недопрената природа, островот е прогласен за заштитен природен резерват и подрачје од особено еколошко значење, со богата популација на птици преселници и автохтони растенија што ретко може да се сретнат на друго место на Малта.


Поради својот автентичен изглед и недопрената природа, Комино послужил како сценографија за многу филмски продукции. Меѓу најпознатите е холивудската екранизација на романот „Грофот Монте Кристо“ (The Count of Monte Cristo) од 2002 година, во која се снимени впечатливи сцени на море и покрај драматичните крајбрежни карпи на островот.

Покрај тоа, Комино се појавува и во неколку сцени од филмовите за Џејмс Бонд, благодарение на својот егзотичен изглед, кој лесно може да „глуми“ оддалечени и таинствени локации.

И покрај филмската слава и милионите туристи што го посетуваат, островот успеал да го задржи својот мирен, автентичен дух...