Семките од тиква имаат бројни користи за здравјето. Тие се наоѓаат во внатрешноста на плодот од тиквата, а испечени можат да се јадат како додаток во салати, да се посипат врз омилените пити или мини-гибаници, но можат и едноставно да се грицкаат како здрава ужинка.
Богати се со протеини, масти, растителни влакна, магнезиум, а содржат и калиум, цинк и железо.
Бројни научни студии потврдиле дека се многу здрави и дека семките од тиква можат да помогнат во превенција на различни заболувања.
5 причини почесто да консумирате семки од тиква
Го балансираат нивото на шеќер во крвта
Студија што ја истражувала користа од семките од тиква во комбинација со ленено семе открила дека можат да бидат корисни во превенција на висок холестерол и регулирање на нивото на шеќер во крвта, вели за "bbcgoodfood" нутриционистката Никола Шубрук.
Хипогликемиските својства на семките од тиква можат да им помогнат на лицата со дијабетес подобро да го контролираат нивото на шеќер.
Добри се за здравјето на срцето
Семките од тиква се одличен извор на незаситени масти, вклучувајќи ја и алфа-линоленската киселина. Постојат докази дека нивната консумација може да биде корисна за срцето и превенција од кардиоваскуларни заболувања.
Студија од 2011 година открила дека маслото од семки од тиква помага во подобрување на нивото на холестерол кај жени во постменопауза.
Дополнително, бидејќи се корисен извор на магнезиум, семките од тиква можат да помогнат во регулирање на крвниот притисок, иако потребни се повеќе истражувања за улогата на магнезиумот во оваа област.
Богати се со антиоксиданси
Семките од тиква се одличен извор на антиоксиданси кои помагаат во елиминирање на „слободните радикали“ одговорни за оштетување на клетките.
Една научна студија покажала дека редовната консумација на семки од тиква е поврзана со значително намален ризик од рак на дојка кај жени во постменопауза, во споредба со оние што не ги консумираат. Друга студија укажува дека можат да помогнат и кај жени во перименопауза.
Можат да го намалат ризикот од рак
Иако не постои супер-храна што може целосно да спречи рак, постојат докази дека здрава исхрана може да го намали ризикот од појава на болеста.
Исхрана богата со семки од тиква е поврзана со намален ризик од одредени видови рак, вклучувајќи рак на дојка, простата и дебело црево.
Придонесуваат за здравјето на мочниот меур
Научни истражувања откриле дека маслото од семки од тиква може да има потенцијал за превенција или лекување на уринарни инфекции, иако се потребни дополнителни студии за целосна потврда на овие тврдења.