Карла Бруни, поранешен топ-модел и кантавторка, а денес сопруга на некогашниот француски претседател Никола Саркози, во четвртокот јавно застанала покрај својот маж откако тој беше осуден на пет години затвор поради заговор поврзан со Либија.
„Љубовта е одговорот“, напишала Бруни на Инстаграм, додавајќи хаштаг #омразатанемадапобеди.
Пресудата беше построга од очекуваното и е прва од ваков вид во современата политичка историја на Франција. Саркози, кој беше претседател од 2007 до 2012 година, ќе биде првиот поранешен претседател што ќе мора да ја одлежи затворската казна, дури и ако неговата жалба биде прифатена — а веќе најавил дека ќе се жали.
Бруни (57) била покрај него додека Саркози (70) по изрекувањето на пресудата изјавил:
„Ако толку сакаат да спијам во затвор, ќе спијам во затвор — но со крената глава.“
Додека парот чекорел кон автомобилот кој ги одвел до нивната резиденција во елитниот 16-ти париски арондисман, Карла Бруни накратко изгубила трпение — ја отргнала црвената навлака од микрофонот на новинар од истражувачкиот портал „Mediapart“, и ја фрлила на под.
Carla Bruni arrache la bonnette du micro de Mediapart à la fin du discours de Sarkozy après sa condamnation. La mauvaise... pic.twitter.com/sWrUxNkXjJ
— Nils Wilcke (@paul_denton) September 25, 2025
Истрагата против Никола Саркози започна уште во 2013 година, откако истражувачкиот портал 2Mediapart“ објави наводен документ од либиската разузнавачка служба од декември 2006 година. Во него се споменува договор меѓу Саркози и тогашниот либиски лидер Муамер ел-Гадафи за финансирање на неговата претседателска кампања.
Саркози се оженил со Карла Бруни — својата третa сопруга — во 2008 година, на самиот почеток од претседателскиот мандат, по кратка и бурна романса, и недолго по разводот со втората сопруга, Сесилија. Со Карла ја има ќерката Џулија, родена во 2011 година.
Карла Бруни, родена Италијанка, внела доза на гламур од шоу-бизнисот и модата во француската претседателска палата – го придружувала Саркози на државни посети, позирала во црвена тоалета на покривот на Елисејската палата, а за него напишала и песна насловена „Мој Рејмон“ во која го опишува како „пират со вратоврска кој никогаш не се предава“.
Иако Никола Саркози ѝ е прв сопруг, Карла Бруни често била нарекувана „скротувачка на мажи“, поради нејзиното бурно љубовно минато. Таа зад себе има низа љубовни врски со бројни интелектуалци и рок ѕвезди, меѓу кои се и Мик Џегер и Ерик Клептон.
И покрај долгогодишните правни проблеми, Саркози и понатаму останува почитувана фигура и влијателен ментор за многу политичари од француската десница.
Меѓу нив е и новиот француски премиер Себастијен Лекорни, кој — според „Ројтерс“ — веднаш по своето именување овој месец, побарал совет токму од Саркози.