По убиството на Росица, дисциплински постапки за 11 полициски службеници; МВР утврдило дека по дел од пријавите на жртвата не било постапено

Макфакс

26/09/2025

13:14

1.028

Големина на фонт

а а а

Министерството за внатрешни работи известува дека по насока на министерот Панче Тошковски, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди изврши детаљни проверки во врска со постапувањето на Секторот за внатрешни работи Велес по сите настани што биле пријавени од страна на жртвата Росица Коцева.

Во најголемиот дел од случаите полицијата постапила во согласност со законските процедури за што била поднесена и кривична пријава против пријавениот, која заврши со условна пресуда во судска постапка. Сепак, внатрешната контрола утврдила дека во дел од претходните пријави на жртвата не било постапено целосно во согласност со законските обврски и процедурите.



Врз основа на извршените проверки, како што појаснуваат, поднесен е предлог за поведување дисциплинска постапка за 11 лица вработени во СВР Велес, а за утврдените наоди писмено е известено и Јавното обвинителство за натамошно постапување во рамките на нивната надлежност.
„Министерството за внатрешни работи останува посветено на транспарентност, професионалност, отчетност и одговорност и во тој контекст ќе продолжи со унапредување на процедурите и отстранување на системските недостатоци за поголема ефикасност на полицијата во заштитата на граѓаните“.