За 29.539 се зголемил бројот на избирачи што се на привремена работа или престој во странство во споредба со изборите во 2021 година, заклучен Избирачкиот список

Макфакс

26/09/2025

13:16

112

Големина на фонт

а а а

Државната изборна комисија го заклучи Избирачкиот список за претстојните локални избори. Право на глас имаат вкупно 1.832.415 избирачи. Има 7.551 избирач повеќе отколку на изборите во 2021 година кога во Избирачкиот список беа запишани вкупно 1.740.147 избирачи.

„Вкупниот број гласачи запишани во Избирачкиот список во Република Северна Македонија за локалните избори 2025 година  изнесува 1.832.415 избирачи. Од овие избирачи, во изводите од Избирачкиот список се запишани 1.717.803 избирачи. Во посебниот извод од Избирачкиот список за лицата што во согласност со евиденцијата на надлежен орган се на привремена работа или престој во странство се запишани вкупно 112.000 избирачи. Во посебниот извод од Избирачкиот список за лица што за време на изборите се наоѓаат на издржување казна затвор или се во притвор се запишани вкупно 2.162 избирачи. Во посебниот извод од Избирачкиот список за лица што за време на изборите се наоѓаат во установи за вонсемејно згрижување, а кои поднеле пријава за гласање, значи по принцип на активна регистрација во установата во која се згрижени, се запишани вкупно 450 избирачи. Ова е за домовите за стари лица“, рече претседателот на Државната изборна комисија, Борис Кондарко.

Државната комисија едногласно донесе одлука за заклучување на Избирачкиот список за локалните избори 2025 година.

Според податоците што ги презентира претседателот Кондарко, во сегашниот Избирачки список, покрај тоа што се бележи раст на бројот на запишани избирачи на привремена работа или престој во странство, зголемени се и бројките на избирачи во казнено-поправните установи и во домовите за стари лица.

Во казнено-поправните домови оваа година има 263 лица повеќе во споредба со изборите од 2021 година, а во домовите за стари лица бројката на избирачи е поголема за 99 избирачи.