„Стоп за Вардариште“ најави нов протест: утре заедно со градоначалникот на општина Аеродром ќе ја посетат депонијата

Макфакс

26/09/2025

12:54

102

Големина на фонт

а а а

Иницијативата „Стоп за Вардариште“ информира дека во сабота, 27 септември 2025 година, во 7:30 часот наутро од мостот Близнак, заедно со В.Д. градоначалникот на општина Аеродром, ќе го посетат Вардариште.

Тие јавно ги повикуваат и надлежните на останатите институции до кои, како што велат се имаат обратено да им се приклучат во 7:30 кај мостот Близнак, и заедно да го посетат Вардариште и да им ги презентираат конкретните мерки кои ќе бидат преземени веднаш, а не пoсле локалните избори.

„Ги повикуваме и сите заинтересирани граѓани да ни се приклучат. Вчера (25 септември 2025 година) истече рокот од 5 дена, кој го дадовме за започнување на исполнување на итните барања од директни засегнатите граѓани: Воспоставување 24-часовен јавно достапен видео-надзор на депонијата Вардариште. Воспоставување 24-часовно физичко обезбедување на Вардариште. Итно иселување и соодветно згрижување на лицата кои живеат бесправно на територијата на Вардариште. Поставување на ограда околу Вардариште. Започнување на процес за конечно затворање на Вардариште. Откривање и казнување на потпалувачите и организаторите на пожарите. Ригорозни мерки против граѓани и правни субјекти кои ќе продолжат да фрлаат отпад во Вардариште

Барањата беа доставени до претседателката на Македонија, Владата на Македонија, Министерство за животна средина и просторно планирање, Министерство за внатрешни работи, Министерство за социјални политики, демографија и млади, Град Скопје, Општина Гази Баба и Општина Аеродром. До сега, не добивме одговор од ниту една институција“, истакнуваат од таму.

Протестите кои од денеска се одржуваат два пати дневно, како што појаснуваат, ќе продолжат и денеска во 18:00 на раскрсницата кај мостот Близнак.

„Ги повикуваме сите граѓани да ни се приклучат за да го бараме заедно уставно загарантираното право за здрава животна средина, следствено и за ист воздух, што е приоритет за сите нас“.