Поранешниот француски претседател Никола Саркози е осуден на 5 години затвор.
Тој е прогласен за виновен за криминална завера, во случајот каде што тој и неговите соработници беа обвинети дека склучиле наводен корупциски пакт со режимот на покојниот либиски диктатор Моамер Гадафи, за да обезбедат финансиска поддршка за неговата претседателска кампања за изборите во Франција во 2007 година.
Судот изрече и дополнителни казни:
• Парична казна во износ од 100.000 евра
• Забрана за политичко делување и учество на избори во траење од 5 години
⚖️ Procès libyen: Nicolas Sarkozy est jugé coupable d'association de malfaiteurs par le tribunal correctionnel de Paris mais est relaxé des faits de corruption. pic.twitter.com/22H8Y31Zui
— Agence France-Presse (@afpfr) September 25, 2025
Француските медиуми наведуваат дека, бидејќи пресудата е со одложено извршување, реализацијата на истата веројатно нема да се случи во скоро време – особено имајќи предвид дека Саркози веднаш ќе поднесе жалба.
Тој беше ослободен од три други обвиненија, меѓу кои пасивна корупција и незаконско финансирање на изборна кампања.
Саркози зел милиони од Гадафи за кампањата
Саркози, кој во текот на судењето ја негираше вината, е обвинет дека во 2005 година — додека бил министер за внатрешни работи на Франција — склучил договор со Гадафи, при што добил милионски износи за финансирање на претседателската кампања, во замена за поддршка на тогаш изолираната либиска влада на меѓународната сцена.
Обвинителството бараше казна од 7 години затвор.
Ова беше најголемото судење за корупција со кое досега се соочил Саркози (70), кој беше десничарски претседател на Франција од 2007 до 2012 година.
Веќе осуден во два други случаи
Саркози и претходно беше осуден во два одделни случаи:
• Првпат за корупција и трговија со влијание, поради незаконски обиди да обезбеди услуги од судија
• Вторпат за прикривање незаконски трошоци во кампањата за претседателските избори во 2012 година, кои ги загуби од социјалистичкиот кандидат Франсоа Оланд
Поранешниот француски претседател поднесе жалба на двете пресуди.