Неодамна се навршија дванаесет години од смртта на Душан Љубисављевиќ – Дуле, пејачот кој заедно со својот пријател и колега Никола (Коки) Јанков го создаде едно од најпознатите македонски поп-дуа од деведесеттите – „Дуле и Коки“.
Иако физички повеќе не е присутен, музиката што ја остави, останува да живее во спомените на многу генерации.
Посебно место во тој музички мозаик има нивната песна „Виолина и гитара“, со која во 1996 година настапија и победија на фестивалот Макфест.
Тогашната публика едногласно ја прегрна песната – мелодија што нежно ги спои виолината и гитарата, симболично преточувајќи ја блискоста на двајцата уметници. Тоа беше време кога фестивалската сцена беше центарот на македонската забавна музика, а оваа изведба се запиша како една од најпрепознатливите.
Во пресрет на 40год. од Макфест, каде ќе биде испеана “Виолина и гитара”, а воедно и промовирана нова песна, во која ќе се раскаже уште една приказна за “Дуле и Коки”.
Се гледаме во октомври.
Posted by Koki Jankov on Понеделник, 15 септември 2025
Наскоро, на јубилејното 40-то издание на Макфест, Коки Јанков повторно ќе се врати на сцената со „Виолина и гитара“, по цели 29 години од нејзиното прво изведување. Овојпат песната ќе одекне како омаж и потсетник – на Дуле, на нивното пријателство и на едно време во кое македонската музика создаваше моменти што остануваат засекогаш.
Интересно е и тоа што Коки Јанков годинава на Макфест ќе промовира и ново музичко парче со наслов „Виолина и…“, создадено во соработка со композиторот Јован Јованов. Со ова, песната што некогаш ги обележа деведесеттите - добива своја современа приказна и продолжение.
И можеби токму во тој спој – на минатото и сегашноста – се крие пораката дека вистинската музика секогаш наоѓа начин да продолжи да живее.
Автор: Ц.Н.