Кога на 23 септември 1994 година во одбраните кина пристигнала драмата „The Shawshank Redemption“ во режија на Френк Дарабонт, малкумина можеле да претпостават дека овој филм со текот на времето ќе стане едно од најценетите остварувања во современата кинематографија.
Адаптацијата на новелата на Стивен Кинг на почетокот поминала речиси незабележливо, но постепено стекнала глобално признание.
Приказна за пријателство и слобода
Дејството е сместено во затворот Шошенк и го следи Енди Дуфрејн (Тим Робинс), банкар осуден за убиство на сопругата, без оглед на неговите тврдења дека е невин. Во затворот го запознава Елиз Бојд Ред Ридинг (Морган Фримен) затвореник којшто отслужува доживотна казна.
Нивното пријателство станува основа на наративот додека филмот го прикажува начинот на Енди на преживување во затворскиот систем и постепено го открива неговиот план за бегство. Завршницата на филмот се смета за една од најпрепознатливите во историјата на кинематографијата.
Тим Робинс му носи на Енди смирена, но уверлива сила, додека пак Морган Фримен низ ликот на Ред и нарацијата ги води гледачите низ приказната. Боб Гантон како управник на затворот и Кленси Браун како чуварот Хадли дополнително ја отсликуваат суровоста на затворското опкружување.
Прием и успех
На благајните во кината филмот не остварил очекувани резултати – вкупна заработка во САД која изнесувала околу 16 милиони долари. На неуспехот дополнително придонел и фактот што во тоа време кината прикажувале големи хитови меѓу кои и „Forest Gump“.
Сепак номинациите за седум Оскари, вклучувајќи ги и оние за најдобар филм, најдобар актер (Фримен) и најдобро адаптирано сценарио, придонеле за негова голема видливост. Популарноста значително се зголемила во текот на подоцнежните телевизиски прикажувања.
Статус на класик
Со текот на времето овој филм стекнал култен статус и редовно го зазема високото место на листите најдобри филмови на сите времиња. Неговите тематски пораки, како надежта и истрајноста придонеле во неговиот универзален успех во историјата на филмот.