Повеќе од една деценија откако во пермафростот на Западен Сибир беа откриени мистериозни дупки, научниците и натаму расправаат за нивното потекло, нудејќи теории што се движат од експлозии на гас до удари на метеори. Првиот ваков кратер беше забележан во 2014 година, а неговата појава започна лавина прашања на кои сè уште се бара одговор, пишува „Science Alert“.
Сега тим геонаучници од Универзитетот во Осло, предводен од Хелге Хелеванг, претстави нов модел кој би можел да објасни зошто овие огромни дупки се формираат исклучиво на полуостровите Јамал и Гидан, а не и во други арктички региони со пермафрост.
Првиот кратер, откриен на сибирскиот полуостров Јамал во 2014 година, бил широк околу 30 метри и длабок повеќе од 50 метри. Околу него имало исфрлен материјал, што упатуваше на експлозивно потекло. Овие необјасниви дупки имаат толку стрмни и вертикални ѕидови што лесно би се помислило дека се ископани со машини.
Ново објаснување – гас од длабочините на Земјата
Хелеванг и неговиот тим се согласуваат дека акумулацијата на метан под притисок е клучен фактор за овие кратери, кои денес се нарекуваат гасно-емисиони кратери (GEC). Но, додека претходните модели претпоставуваа дека за нивното формирање се одговорни исклучиво процеси во рамките на самиот пермафрост, новата студија тоа го смета за малку веројатно.
„Кога внатрешни процеси во пермафростот, поттикнати од климатските промени, би биле единствениот одговорен фактор за ерупциите, тогаш кратерите би се појавувале и на други места со пермафрост што содржи гасни хидрати, подземен мраз или криопеги. Тоа не е случај", пишуваат Хелеванг и неговиот тим.
„Волуменот на празнини исполнети со гас, потребен за да се објасни формирањето на гасно-емисиони кратери и исфрлениот материјал, веројатно не може да се создаде само со внатрешни процеси на пермафростот.“
Наместо тоа, откриле дека за создавање доволна сила за ваква подземна експлозија најверојатно се потребни топлина и природен гас што доаѓаат од подлабоки слоеви, под самиот пермафрост. Сметаат дека гасот истекува преку раседни системи во карпите длабоко под мразот на полуостровите Јамал и Гидан. Ова има смисла, со оглед на тоа што овие полуострови се наоѓаат над некои од најголемите светски резерви на природен гас.
Улогата на климатските промени и идни истражувања
Сепак, истражувачите и натаму тврдат дека климатските промени имаат значајна улога. Топењето на пермафростот, предизвикано од растечките температури, го ослабува мразот и создава потенок „чеп“ низ кој гасот може полесно да пробие на површината.
Иако овој модел нуди уверливо објаснување за појавата на кратерите, тој сè уште треба да се потврди со споредба со реални теренски мерења. Дури тогаш би можеле конечно да дојдеме до дното на оваа сибирска мистерија.