Во Кавадарци за мерката за самовработување пристигнати 132 апликации

Макфакс

23/09/2025

13:23

135

Големина на фонт

а а а

Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески оствари работна средба со градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев и претставници на бизнис-секторот во Кавадарци

Ристески пред присутните ги презентираше главните мерки на министерството за економија и труд за поддршка на стопанството и претпријатијата, како и мерките од Оперативниот план за активните програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2025 година.

„Навистина сум задоволен од големиот интерес кои граѓаните и компаниите од Кавадарци го покажаа за мерките од Оперативниот план, каде само за мерката за Поддршка за самовработување (претприемништво) се пристигнати 132 апликации. Голем интерес покажаа и компаниите за поволностите кои се нудат во мерките од оперативниот план, каде за мерката „Вработување и раст на правни субјекти“ аплицирале 67 компании за поддршка за отворање на 72 нови работни места, додека за мерката „Поддршка за креирање на нови работни места преку зелени инвестиции“ аплицирале 10 компании за 15 нови работни места. Големиот интерес е доказ дека во Кавадарци и Тиквешкиот регион има голем потенцијал за економски раст и развој и ние и понатаму ќе ги поддржуваме компаниите во овој процес“, кажа заменик-министерот Ристески.

На средбата присуствуваа и Даниела Димовска, в.д. директор на Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво (ИНОВА) и Весна Пешова, заменик-директор на Агенцијата за вработување, кои на присутните им ги презентираа програмите за работа на нивните институции и мерките кои им стојат на располагање на граѓаните, занаетчиите и компаниите.

Градоначалникот Јанчев на средбата потенцираше дека како општина секогаш даваат поддршка на сите позитивни мерки кои придонесуваат за развој на домашната економија и го развиваат претприемачкиот дух кај младите лица.