Сиљановска-Давкова од САД: Успешни Македонци претприемачи придонесуваат за зближување на американските и балканските бизнис заедници

Нетпрес

23/09/2025

14:46

194

Големина на фонт

а а а

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на работната посета на САД, по повод 80. Сесија на Генералното собрание на Обединетите нации, во Њујорк приуствуваше на приемот организиран од Американско-балканската стопанска комора. Претседателката на приемот беше придружувана од шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски.

– Драго ми е што успешни Македонци, претприемачи од САД се иницијатори на оваа стопанска комора и придонесуваат за зближување на американските и балканските бизнис заедници, како и за меѓусебна соработка на земјите од регионот. Верувам дека регионално најлесно можеме да се интегрираме во ЕУ. Соработувајте меѓусебе и промовирајте ги македонските инвестициски потенцијали. Ние сме мала земја, но со одлична локација и со одлични услови за инвестирање, порача Сиљановска-Давкова на приемот на Американско-балканската стопанска комора.

Таа денеска во Њујорк ќе има обраќање и на годишниот самит на Конкордија. Според програмата, како што јави известувачот на МИА, Сиљановска – Давкова ќе се обрати и на Светскиот лидерски форум при Универзитетот Колумбија во Њујорк.

По обраќањата, претседателката ќе присуствува на приемот организиран од страна на Постојаната мисија на Австрија при ОН, во присуство на австрискиот претседател, канцеларот и министерот за надворешни работи, а по повод кандидатурата на Австрија за членство во Советот за безбедност на ОН (2027-2028).

За вечерва, по локално време, најавено е присуство на претседателката Сиљановска – Давкова на приемот што го приредува американскиот претседател Доналд Трамп.

Во текот на вчерашниот ден претседателката имаше обраќање на состанокот на високо ниво по повод 30-годишнината од Четвртата светска конференција на жените, на тема „Повторна посветеност, обезбедување ресурси и забрзување на имплементацијата на Пекиншката декларација и Платформата за акција за постигнување родова еднаквост и зајакнување на сите жени и девојчиња“.

Сиљановска- Давкова присуствуваше и на ручекот „Women Rise for All“ приреден од заменик генералната секретарка на ОН, Амина Мохамед, на приемот во чест на шефовите на делегации од Југоисточна Европа, организиран од Американско – балканската стопанска комора, како и на вечерата на високо ниво во рамки на Годишното заседание на Платформата на жени лидери при ГС на ОН.

Претседателката Сиљановска-Давкова, во рамки на неколкудневната посета на САД, во четврток ќе се обрати на генералната дебата и ќе учествува на повеќе самити, лидерски форуми и состаноци на високо ниво, што се одржуваат по повод 80. Генерално собрание на ОН.

За време на работната посета на САД, претседателката Сиљановска – Давкова ќе престојува и во Детроит.