ABC станиците на „Sinclair“ нема да ја емитуваат емисијата на Џими Кимел и покрај неговото враќање на ТВ екраните

Точка

23/09/2025

14:40

275

Големина на фонт

а а а

„Sinclair Broadcast Group“ објави дека нема да ја емитува емисијата „Jimmy Kimmel Live!“ на своите ABC афилијации, и покрај одлуката на „Disney“ да го врати познатото ток-шоу на екраните од вторник.

Имено, „Sinclair“ во соопштение објавено на платформата X во понеделникот наведе: „Почнувајќи од вторник навечер, ‘Sinclair’ ќе го прекине емитувањето на ‘Jimmy Kimmel Live!’ на своите ABC афилијации и наместо тоа ќе емитува информативна програма“.

„Во моментот водиме разговори со ABC мрежата додека ја разгледуваме можноста за евентуално враќање на емисијата“, додадоа од компанијата, која е сопственик на најголемиот број ABC афилијации во земјата.

Емисијата на Џими Кимел беше повлечена поради неговите контроверзни коментари за убиениот конзервативен активист Чарли Кирк. Според извори запознаени со ситуацијата, Кимел водел преговори за своето враќање со извршниот директор на компанијата „Disney“, Боб Ајгер, и неговата заменичка за забавна програма, Дејна Валден.

Кимел, кој заработува околу 15 милиони долари годишно од оваа емисија, во своето повратничко обраќање во вторник ќе се осврне на претходните изјави, но нема да се извини за тврдењата дека убиецот на Чарли Кирк бил дел од „MAGA бандата“, наведуваат извори.

Во понеделникот, „Disney“ во официјално соопштение објави дека го суспендирале Кимел минатата среда „со цел да се избегне дополнително ескалирање на тензиите во еден емоционален момент за нашата земја“, нарекувајќи ги неговите изјави „непримерни и бесчувствителни“.


„Sinclair“ претходно го повика Кимел да упати „директно извинување“ до семејството на Кирк и да донира средства на организацијата „Turning Point USA“, конзервативна невладина организација чиј коосновач е Кирк.

„Изјавите на господинот Кимел беа непримерени и длабоко бесчувствителни во клучен момент за нашата земја“, изјави Џејсон Смит, потпретседател на „Sinclair“, откако Кимел беше повлечен од програмата минатата недела.

Сè уште не е јасно дали и „Nexstar“, која поседува 32 ABC афилијации, ќе го следи примерот на „Sinclair“ и ќе ја прекине емисијата.

Заедно, афилијациите на „Sinclair“ и „Nexstar“ сочинуваат една четвртина од домаќинствата до кои допира „ABC“, објави „Deadline“.

„Sinclair“ исто така е сопственик на „WJLA-TV“, важна ABC афилијација и водечка телевизиска станица во Вашингтон.