На прв поглед, малото полско село Пњево изгледа како кој било друг мирен град на западот од земјата – но под плодните полиња и шуми се крие темна приказна: нацистички подземен град.
Фестунгсфронт Одер-Варте-Боген, или скратено Оствал, бил утврден подземен комплекс изграден пред Втората светска војна, додека Адолф Хитлер се обидувал да ја обезбеди источната граница на Германија од Полска и Советскиот Сојуз.
Сместен помеѓу реките Одра и Варта, кои денес се дел од германско-полската граница, овој подземен свет останал во голема мера недопрен: лавиринт од тунели, соби и подземни железнички станици се протега на околу 30 километри. Војниците на крајот биле заменети со посетители кои оставале трага од спреј на ѕидовите во 1980-тите и 1990-тите, а денес љубителите на темниот туризам се спуштаат во подземјето, каде што живеат нови, понекогаш заспани, понекогаш брборечки жители.
Откако нацистите ги напуштиле тунелите во 1945 година, тие биле заменети со лилјаци, кои таму пронашле дом и идеално место за хибернација. Секоја есен, таму пристигнуваат до 40.000 лилјаци од цела Централна Европа, што го прави една од најголемите колонии на лилјаци во Европа.
Поглед во минатото
Оствал требало да биде завршен во 1951 година, но изградбата одеднаш запрела откако се промениле воените потреби на Германија. Приказната за Оствал започнала во 1930-тите, кога Хитлер, цврсто на власт, започнал милитаризација спротивно на договорите по Првата светска војна. Тој се свртел кон територијата помеѓу реките Одра и Варта, тогаш сè уште дел од Германија, како место за одбрана. Неговите помошници верувале дека одбраната на овој коридор е клучна за безбедноста на Берлин. До 1935 година, плановите биле завршени, а изградбата на амбициозниот проект започнала следната година.
Инженерите замислиле одбранбена линија долга речиси осум километри, а иако никогаш не била довршена, изградбата веќе тогаш се впишала меѓу најнапредните фортификации во светот. Само на централниот дел кој можел да прими десетици илјади војници биле потрошени повеќе од 60 милиони килограми бетон. Но приоритетите се смениле. До 1938 година, Германија свето внимание го насочила на Западот, кон Франција, а изградбата била запрена. Следната година по инвазијата на Полска, што беше повод за Втората светска војна, стратешката цел на Оствал практично исчезнала.
Комплексот останал како набљудувач на војната што беснеела низ Европа, а во јануари 1945 година бил целосно напуштен. Еден период Полска ја одржувала локацијата, но 1960-тите трошоците станале превисоки. Меѓутоа 21 век му пружи нов живот на Оствал. С о поддршка на Европската унија и локалниот ентузијазам, комплексот е претворен во мрачна туристичка дестинација.
Музеј за луѓе и лилјаци
Во 2011 година бил отворен музејот „Międzyrzecz“ кој опфака 30 километри тунели. Се наоѓа во близина на селото Пњево, каде се наоѓаат најдобро сочуваните делови од тунелскиот комплекс Оствал. Со оглед на тоа дека нацистите го планирале тој комплекс за долготраен престој на војниците, сè било замислено така да биде удобно за живот, а дневниот ритам дополнително го нагласуваат куклите од стражари во собите и спалните соби.
Денес подземните простории го покажуваат животот онаков каков што бил во време кога местото било нацистичко упориште. Таму можат да се видат воени униформи и плакати со пропагандни натписи, како и големо окно што се спушта длабоко во земјата. Посетителите можат да истражуваат и скали што водат до тунел со шини и цевки. Тунелите се дом на една од најголемите колонии на лилјаци во Европа, со најмалку 12 различни видови што ги користат за хибернација.
„Да стоите 40 метри под земја, во коридор доволно широк за возови и воени возила, е навистина надреално – истовремено фасцинантно и вознемирувачко. Колку подалеку одите, толку постудено станува, со атмосфера што потсетува на видеоигрите „Fallout“ или „The Last of Us“. Нема мутанти или зомбиња, но има крилести суштества што се кријат во сенките“, откри Павло Федикович за Си-ен-ен.
Луѓето од бункерите
Во 1980-тите и 1990-тите тунелите ги преплави супкултура позната како „Луѓето од бункерите“ кои таму одржувале рејв забави, но и свадбени свечености пркосејќи им на авторитетите.
Но, лавиринтот не бил нежен кон нив: најмалку пет лица загинале во разни несреќи, од паѓања во шахти до пожари предизвикани од неизгаснати отпушоци од цигари. Графитите што ги оставиле зад себе: љубовни пораки, груби цртежи и антикомунистички слогани и денес ги покриваат ѕидовите, служејќи како сведоци на едно изгубено време.