Премиерот, Христијан Мицкоски, денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на условната казна за докторката која призна злоупотреба на Клиниката за онкологија, изјави дека со такви одлуки, судиите и обвинителите не си ги заслужуваат платите, а бараат уште поголеми.
„Па знаете, моите ставови за Обвинителството и Судството се многу пати кажани, многу пати разговарани и секогаш кога ќе зборуваат зошто доцниме во процесот на испорака на законите, коишто значат реформи во Судството и Обвинителството, во суштина сакам јавноста да знае дека станува збор за 6 закони каде што основната суштина е зголемување на буџетот од којшто директно ќе имплицира зголемување на платите на обвинителите и судиите коишто имаат рејтинг од 2%, а се бара зголемување на платите за судиите, односно буџетот нивен којшто би бил сега 0,8% од БДП, а за обвинителите 0,5% од БДП и секогаш чувствувам некаква мачнина, бидејќи тие и овие сега плати што ги зимаат не ги заслужуваат, имајќи предвид вакви судски одлуки за која што вие сега зборувате“, рече Мицкоски.
Така што, додаде тој, сакам граѓаните да знаат дека, сите оние експерти, така наречени, кога излегуваат во јавност и кога ја критикуваат Владата за застој во реформите во Обвинителството и Судството, ова е суштинската реформа.
„Како да се зголеми буџетот на судовите до 0,8% од БДП, а на обвинителите од 0,5% од БДП, што е да речеме 2 до 3 пати повеќе од некои земји членки на Европската Унија. Не е проблем ние ќе ги зголемиме и три пати, ама да ги заслужат. Јас имам дилема, дали и овие плати тие ги заслужуваат, коишто сега ги земаат. Така што еве, тоа е на кратко мојот коментар“, рече Мицкоски.
Основниот кривичен суд Скопје вчера изрече двегодишна условна казна без забрана за вршење на дејност за второобвинетата во случајот Онкологија, онкологот Мери Пешевска, доколку во рок од пет години таа не стори ново дело. Пред две судски рочишта Пешевска го призна делото кое што ѝ се става на товар за несовесно лекување болни, по што кривичната постапка против неа беше раздвоена.