Учебници има, а СДС упорно продолжуваат да лажат. СДС да престане да се резили со вакви празни фрази, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на прес – конференцијата на портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
„Кога веќе излегуваат на прес-конференции и се брукаат со вакви тези, барем нека кажат кој учебник, според нив, фали. Учебници има и наставата се одвива во најдобар ред, а со СДС на власт седум години, ниту еднаш, како на почеток на учебната години, така и во текот на целата, учениците немаа учебници. После седум години, Владата на ВМРО-ДПМНЕ, исто така го реши и проблемот со учебниците по странски јазици, така што за прв пат после нивното владеење учениците ќе учат по стандардизирани учебници, наместо од интернет материјали. Додека Владата на ВМРО-ДПМНЕ обезбедува учебници, покачува платите на вработените во образование и ги решава наследените проблеми, СДС на власт единствено гледаше да спечали некој ден плус од тендерите во образование. Додека СДС трошеше милиони евра за тендери за учебници, парите завршуваа во приватни џебови, а учениците страдаа и учебници не добиваа“, се наведува во реакцијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека само во учебната 2018-2019 година, преку 27 нови договори склучени во четири очи фирмите се офајдиле со повеќе од 7,5 милиони евра или 463 милиони денари за набавка на учебници и помошен дидактички материјал за основно и средно образование.
„СДС, исто така, ветуваше студентски град, а на академските граѓани и обезбеди само руинирани домови без основни услови за живеење. СДС нема да може со лаги и манипулации да ги скрие нивните скандали од седумгодишното владеење, уништување на образовниот сектор и на цели генерации по желбите на Мила Царовска. Одговорност ќе има, и тоа за сите криминали и криминални тендери кои, во владеењето на СДС, учениците ги оставија без елементарни средства за настава, учебниците, а парите завршуваа по приватни џебови“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.