Во јужниот дел на германската покраина Баварија, се наоѓа заштитено алпско подрачје – националниот парк „Berchtesgaden“, кое ги маѓепсува посетителите со рајскиот пејзаж, бајковитите ридови,планинарски патеки, шуми и езера.
Една од неговите драгоцености е езерото Кенигсе или Кралско езеро, кое вреди да се посети барем еднаш во животот.
Единствен национален парк во германските Алпи
Националниот парк „Berchtesgaden“ е единствен национален парк во германските Алпи и постои повеќе од 40 години. Уште од 1978 година грижливо се грижи за разноликата флора и фауна среде недопрената природа, а своите посетители на добро означените патеки ги подучува за тамошниот живот на растенијата и животните. Од истоименото гратче „Berchtesgaden“ лесно се стига до езерото Кенигсе, а освен со автомобил може да се стаса и со автобусот кој вози до паркиралиштето, од каде што е потребно да пешачите 10-тина минути за да стасате до сино-зелената убавина.
Покрај шетање и уживање во убавините на ледничкото езеро, една од најомилените активности на посетителите е возењето со брод кое трае речиси два часа. Бродот бавно плови низ езерото и на посетителите им нуди уживање среде планини, па ги носи до црквата св. Бартоломеј која постои од 1134 година.
Посетителите можат да слезат кај црквата и да уживаат во тамошната понуда на јадења и пијалаци. Друга станица на којашто можат да се симнат од бродот е Салет, а потоа пешачејќи 20-тина минути да стасаат до другото езеро Оберсе.
Околината на Кралското езеро е исто така интересна за истражување, па посетителите можат да испланираат излет во рудникот на солта „Berchtesgaden“, кој е најстар активен рудник на солта во Германија. Многумина го посетуваат и „Kehlsteinhaus“, односно гнездото на Орелот. Станува збор за местото каде што Хитлер некогаш имал викендичка, а денес таму постои ресторан.
Таму на висина од 1.834 метри можете да уживате во погледите на паркот што го одземаат здивот и поради нив навистина вреди да се посети овој национален парк.
Патување со брод рано наутро
За избегнување на метеж, на посетителите им се препорачува возење со брод низ езерото Кенигсе рано наутро, бидејќи во секој период од годината постои голем интерес за оваа активност.