Американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека „лоши работи“ ќе му се случат на Авганистан ако „не ја врати ја врати контролата“ врз воздухопловната база Баграм на САД и одби да ја исклучи можноста за испраќање трупи за повторно да ја преземат.
„Ако Авганистан не ја врати воздухопловната база Баграм на оние што ја изградија, Соединетите Американски Држави, ЛОШИ РАБОТИ ЌЕ СЕ СЛУЧАТ“, напиша Трамп во објава на Truth Social.
Трамп во четвртокот изјави дека САД се стремат да ја вратат контролата врз базата што ја користеа американските сили по инвазијата во азиската земја по нападите од 11 септември 2001 година. Тој им рече на новинарите во петокот дека разговара за ова прашање со Авганистан.
„Никогаш не требаше да се откажеме од неа“, им рече Трамп на новинарите во Овалната соба во петокот. Додаде дека за време на неговото патување во Велика Британија претходниот ден, САД преговарале за ова прашање со новата авганистанска влада. „Ја сакаме назад таа база“, рече тој.
„Една од причините зошто ја сакаме базата е, како што знаете, дека е на еден час од местото каде што Кина го произведува своето нуклеарно оружје“, рече тој во четвртокот за време на заедничката прес-конференција со британскиот премиер Кир Стармер ви Лондон.
По хаотичното повлекување на американските сили во 2021 година по дведецениската окупација на Авганистан, исламистичкото талибанско движење се врати на власт во Кабил откако беше соборено со инвазијата во 2001, откако владата поддржана од САД без отпор ја напушти престолнината. Талибанските борци истовремено без борби ги преземаа и напуштените американски бази.
Авганистанските власти изразија противење на повторното оживување на американското воено присуство. Особено поради тоа што авганистанските пари и активи остануваат заробени во западните банки додек земјата се соочува со голема сиромаштија и повремен недостиг од храна.
Сегашните и поранешните американски политичари приватно предупредија дека повторното преземање на воздухопловната база Баграм во Авганистан може да се смета за повторна инвазија на земјата, што бара повеќе од 10.000 војници и распоредување на напредна воздушна одбрана.
Трамп, кој претходно изјави дека сака САД да стекнат територија и локации од Панамскиот канал до Гренланд, со години се чинеше дека е фокусиран на Баграм.
Запрашан во саботата дали ќе испрати американски војници за повторно преземање на базата, Трамп одби да даде директен одговор, велејќи: „Нема да зборуваме за тоа“.
„Сега разговараме со Авганистан и го сакаме назад (Баграм), и го сакаме назад наскоро, веднаш. А ако не го сторат тоа – ако не го сторат тоа, ќе дознаете што ќе направам“, им рече тој на новинарите во Белата куќа.
Огромниот аеродром беше главната база на американските сили во Авганистан за време на двете децении војна што следеа по нападите на Ал Каеда на 11 септември 2001 година врз Њујорк и Вашингтон.
Во базата некогаш се наоѓаа ресторани за брза храна како „Burger King“ и „Pizza Hut“, кои ги снабдуваа американските трупи, како и продавници што продаваа сè, од електроника до авганистански теписи. Аеродромот, исто така, содржеше огромен затворски комплекс.
Експертите велат дека големата воздухопловна база ќе биде тешко да се обезбеди на почетокот и ќе бара огромна работна сила за да ја стави во повторна функција и да ја заштити.
Дури и ако талибаните прифатат повторно окупирање на Баграм од страна на САД по преговорите, базата ќе треба да се брани од низа закани, вклучувајќи ги милитантите од Исламска држава и Ал Каеда кои сѐ уште дејатвуваат во Авганистан и повремено изведуваат терористички акции насочени кон талибанските власти и шиитското малцинство.
Исто така, базата Баграм под повторна американска команда може да биде многу ранлива на закана од напредните ракети од Иран, кој нападна голема американска воздухопловна база во Катар и израелски во пустината Нагев, во јуни откако заедно САД и Израел нападнаа ирански нуклеарни постројки.