За време на летната сезона, туристичките инспектори во Црна Гора извршиле над 2.000 инспекциски надзори во приморските градови, при што биле откриени повеќе од 1.500 неправилности, соопшти Министерството за туризам.
Најмногу контроли биле спроведени во Улцињ, Бар, Будва, Котор, Тиват и Херцег Нови, каде што биле ангажирани 24 инспектори. Како резултат на надзорите, изречени се речиси 2.000 прекршочни налози во вкупна вредност над 1,2 милиони евра, а за неколку објекти е донесена и мерка забрана за работа, вклучително и привремено затворање со службен печат.
Според Министерството, најчестите прекршувања се однесувале на неисполнување на минимални технички услови во угостителски објекти, неиздавање фискални сметки, неправилности кај туристички агенции и капалишта, како и рекламирање спротивно на законската регулатива. Забележани се и прекршувања поврзани со користење тутунски производи во затворени простории, иако тоа е забрането со закон.
Од ресорното министерство истакнуваат дека овие активности се дел од напорите за подигнување на квалитетот на туристичките услуги и заштита на правата на туристите.
„Инспекцискиот надзор ќе продолжи, со цел да се обезбеди безбеден, уреден и пријатен престој за сите посетители на Црна Гора“, стои во соопштението.