Синоќа Штип беше центарот на регионот и вистински главен град на културата и забавата. Над 100.000 посетители од цела Македонија и пошироко присуствуваа на незаборавниот концерт на балканската музичка ѕвезда Дино Мерлин, кој со својот настап ја обедини публиката во љубов, почит и заедништво, без разлика на вера или нација, велат од Општина Штип.
Настанот, кој се одржа по повод 17. издание на традиционалната “Пастрмалијада”, беше организиран на највисоко ниво, со беспрекорна логистика, безбедност и организација, што овозможи вечерта да помине во совршен ред и атмосфера.
„Особено значење има и фактот што во реализацијата активно се вклучија бројни фирми од приватниот сектор, угостителите од Штип, како и партнерски угостители од други градови во Македонија, кои со својата поддршка придонесоа за овој настан да биде успешен и запаметен. Присуството и настапот на Дино Мерлин претставуваат посебна чест за нашиот град. Со својата уникатна музичка енергија и децениска кариера, тој одамна ја надмина рамката на изведувач и стана симбол на културно поврзување меѓу генерации и народи. Неговото присуство во Штип е доказ дека градот може да биде домаќин на настани од највисок ранг, кои носат нова вредност и препознатливост на целата држава“, велат од Општина Штип.
Ваквите манифестации претставуваат значајна придобивка за Штип, не само во културна и забавна смисла, туку и од аспект на економскиот импакт, преку големиот број гости, зголемената угостителска активност и промоцијата на градот како отворен и модерен центар на случувања.
„Општина Штип изразува искрена благодарност до сите посетители, до поддржувачите и до сите што беа дел од организацијата, а особено до Дино Мерлин, кој со својот настап направи Штип да биде главниот центар на Балканот и испиша историја во колективното паметење на нашиот град“, стои во соопштението на Општина Штип.