Мицкоски останува на ставот дека треба да се пресметуваат посебни потрошувачки кошнички

Макфакс

21/09/2025

14:11

152

Големина на фонт

а а а

Премиерот Христијан Мицкоски останува на ставот дека е потребно да се изработат посебни потрошувачки кошнички за различни категории граѓани, како што се самци, млади брачни парови, семејства со три или четири члена, како и за пензионери.

Тој нагласи дека трошоците на овие групи не се исти и затоа не треба да се третираат подеднакво.

Мицкоски кажа дека на последната седница на Економско-социјалниот совет била водена дискусија по ова прашање и дека веќе е формирана работна група.

„Мислам дека со Министерството за економија и труд има веќе работна група која комуницира. Мислам дека треба да излеземе заедно со Државниот завод за статистика и други институции со унифицирана потрошувачка кошничка која ќе даде вистински одговор на сите дилеми што се појавуваат поради сомневање за одредена субјективност на едната или другата страна. Генерално, таква кошница која ќе одговара на потребите на граѓаните треба да излезе. Уште стојам на ставот дека мораме како втора пресметка да направиме пресметка и за потрошувачка кошница за самец, млад брачен пар, тричлено и четиричлено семејство и пензионери. Сето ова треба да го имаме на ум зашто потребите на малд брачен пар и на пар пензионери не се исти. Не можеме една кошница да се третира како генерална минимална потрошувачка кошница. Кога би ги имале сите овие параметри, мислам дека ќе можеме да носиме поквалитетни одлуки“, изјави премиерот Мицкоски.