На Корчула за прв пат било официјално документирано гнездењето на загрозената главеста желка (Caretta caretta).
Ова откритие претставува пресвртница во мониторингот на овој заштитен вид во Јадранското Море, објави Институтот „Blue World“.
Сè се случило на 10 септември, кога Бранко Ќеран, додека шетал по песочната плажа Пржина во Лумбарда, здогледал околу 15 мали желки како решително се движат кон морето. Иако изненаден, тој трезвено го снимил овој редок настан и го проследил видеото до експертите во Хрватскиот музеј за природна историја, и на тој начин, како што е наведено, обезбедил прв цврст доказ за гнездењето на главестата желка во Хрватска.
Експертите објаснуваат дека појавата на младенчињата среде ден, околу 15 часот, е невообичаена. Морските желки обично ги напуштаат своите гнезда ноќе или во зори за да ги избегнат предаторите и високите температури.
Меѓутоа, бидејќи сезоната на гнездење завршува, а температурата на песокот е пониска, малите желки ја искористиле првата можност. Ниту дождот ниту брановите не ги спречиле на патот кон морето, а целата авантура траела само десетина минути, пренесе индекс.хр.
Главестата желка е космополитски вид кој живее низ целиот Медитеран, вклучувајќи го и Јадранското Море. Главните места за размножување се во источниот Медитеран, главно во Грција, Турција и Кипар.
Научниците преку ДНК анализа утврдиле дека повеќето желки што живеат во Јадранското Море потекнуваат од грчките гнездилишта.