Една од овогодинешните „Ig Nobel“ (Сатирични Нобелови) награди беше доделена за експеримент во кој крави биле боени така што изгледале како зебри, со цел да се намали бројот на убоди од муви.
Меѓу добитниците се најде и проект кој се обидел да докаже дали додавањето тефлон во храната го намалува внесот на калории.
Наградена беше и студија која анализирала „до кој степен одреден вид гуштери избира да јаде одредени видови пица“ и „откривања за физиката на сосот за тестенини“.
Победниците во категориите од книжевност до биологија беа прогласени на свеченоста на Универзитетот во Бостон на 18 септември.
„Секој добитник на ’Ig Nobel‘ наградата направил нешто што прво ќе ги насмее луѓето, а потоа ќе ги натера да размислат“, изјави Марк Абрахамс, основач на наградите.
Годишните „Ig Nobel“ награди се замислени како сатирична верзија на посериозната Нобелова награда за наука. Иако не се толку познати, истражувањата зад нив се вистински.
Овие награди веќе повеќе од три децении ги доделува американското научно-хумористично списание „Annals of Improbable Research“ за тривијални и забавни научни достигнувања.
Претходните години добитниците добиваа банкнота од билион зимбабвевски долари, но „поради инфлација“ оваа година сите добија влажно марамче, изјави Карен Хопкин, биохемичар и креатор на календарот „Studmuffins of Science“.
„Чудната“ идеја со тефлонот
Истражувачи од САД и Израел, добитници на наградата во областа хемија, сакале да утврдат дали тефлонот – материјал кој вообичаено се користи за нелепливи тави и лонци – може да го зголеми волуменот на храната без да ја промени количината на калории.
Почетната теза била дека материјалот ќе помине низ дигестивниот систем и потоа едноставно ќе „слизне“.
„Американскиот регулатор за храна беше збунет од оваа ’чудна‘ идеја“, изјави Ротем Нафталович од Универзитетот „Rutgers“ во Њу Џерси, еден од тројцата истражувачи во проектот.
Звучи лудо, но и не е
Јапонски тим ја доби наградата за биологија, покажувајќи дека боењето на крави со црно-бели линии навистина го намалува бројот на убоди од муви – и дека тоа би можело да биде ефикасна алтернатива на пестицидите.
Научниците забележале дека мувите ги привлекуваат животните преку мирисот, формата, движењето или бојата, но и преку начинот на кој ја поларизираат светлината – токму она што го прават црно-белите линии.
„Многу сме почестени што ја добивме оваа награда“, рече Томоки Коджима, еден од истражувачите, за време на свеченоста. „Ова ни е и мотивација да продолжиме да се стремиме кон иновации“, додаде, додека колегите шеговито го напаѓаа со лажни муви. Тој потоа откри дека носи маица со зебрест дизајн.
А Италијанците – секако, за пастата
Италијански тим истражувал во кој точен момент при подготовката сосот за пастата „cacio e pepe“ почнува да се згрутчува и одвојува – и како тоа може да се спречи. Тоа им донесе награда во областа физика.
Наградени беа и во областа исхрана, со откритие дека виножитните гуштери од африканскиот Того претпочитаат пица со четири вида сирење во споредба со другите вкусови и преливи.
Мирисот на млеко со лук и 35 години следење раст на нокт
Двајца американски педијатри ја освоија наградата за проект со кој докажале дека млекото на мајки кои јадат лук го задржува мирисот – нешто што на бебињата всушност им се допаѓа.
„Ig Nobel“ наградата за мир беше доделена за откритие дека консумирањето алкохол може да ја подобри способноста за зборување странски јазик (поточно холандски).
Во областа навигација награда освои истражување кое покажало дека алкохолот ја намалува способноста на лилјаците да летаат и да се ориентираат со помош на ехолокација.
А наградата за книжевност постхумно беше доделена на Вилијам Бин, историчар на медицината, кој повеќе од 35 години ја следел стапката на раст на еден негов нокт – објавувајќи бројни студии на оваа тема.