[ФОТО/ВИДЕО] Што е тоа што Си Џинпинг сака да го скрие? Зад мегаломанската демонстрација на сила и моќ на воената парада, лежи најголемиот страв на кинескиот лидер

Точка

02/09/2025

20:51

1.429

Големина на фонт

а а а

Сцената е поставена во срцето на Пекинг, режисерот е кинескиот претседател Си Џинпинг, а публиката… се чини дека публиката не е многу задоволна.

Во пресрет на утрешната голема воена парада во Кина, со која, на прв поглед, се одбележува 80-годишнината од капитулацијата на Јапонија во војната и кинеската победа над окупаторските сили, а на втор – демонстрација на моќта на Си и „покажување заби“ на Америка, се открива и другата страна на сјајниот медал, онаа во која главните актери се обичните граѓани.


Осум огромни кинески знамиња се веат и се врамува портретот на Мао Це Тунг, основачот на комунистичка Кина, со поглед на плоштадот Тјенанмен, еден од најголемите во светот. Долу се столчиња резервирани за 26 странски шефови на држави, вклучувајќи го рускиот претседател Владимир Путин и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, чие присуство е дипломатска победа за Си. Преку улицата, во близина на Големата народна сала, се поставени два огромни цветни аранжмани во спомен на крајот на Втората светска војна, веднаш до трибините предвидени за околу 50.000 гости.


За претседателот Џинпинг, ова е многу повеќе од само демонстрација на воена моќ на Денот на победата. Всушност, целата недела е полна со историски моменти видени низ очите на Си:

Повеќе од 20 светски лидери присуствуваа на самитот на Шангајската организација за соработка (ШОС), што беше и најголемото собирање на организацијата досега.

Индискиот премиер Нарендра Моди ја посети Кина за прв пат по седум години, обновувајќи ги клучните економски и стратешки врски.

Севернокорејскиот лидер ќе присуствува на кинеската воена парада за прв пат од 1959 година. Според медиумите, Ким Џонг Ун пристигнал во Пекинг.


Самитот на ШОС во Тјанџин му овозможи на Си да проектира моќ и да понуди визија за нов светски поредок за кој се надева дека ќе ги предизвика Соединетите Американски Држави (САД).

Сега, сепак, фокусот е на парадата во Пекинг, која ќе ја покаже растечката способност на неговата земја да се натпреварува со САД во секој конфликт, пишува Би-би-си.

Лидерите на Иран, Малезија, Мјанмар, Монголија, Индонезија, Зимбабве и централноазиските држави ќе набљудуваат прецизни формации на војници и ќе имаат можност да видат она што властите го нарекуваат ново хиперсонично оружје и беспилотни подводни дронови. Единствените западни лидери на списокот на гости се од Србија и Словачка.


Најголемото изненадување е доаѓањето на Ким. Неговиот специјален, оклопен воз и вообичаениот конвој возила придружени од телохранители – ќе го дополнат спектаклот. Веројатно го следат неговата сопруга Ри Сол Ју и сестрата Јо Џонг, објави денес јужнокорејската разузнавачка агенција (НИС). Се очекува Си да застане рамо до рамо со Ким и Путин, што неизбежно ќе генерира наслови или анализи на Западот, додека самитот веќе е опишан како „оска на пресврт“.

Ова се имињата на некои од поканетите лидери:

Владимир Путин, претседател на Русија

Александар Вучиќ, претседател на Србија

Реџеп Таип Ердоган, претседател на Турција

Масуд Пежескијан, претседател на Иран

Ким Џонг Ун, лидер на Северна Кореја

Нарендра Моди, премиер на Индија

Илхам Алиев, претседател на Азербејџан

Никол Пашињан, премиер на Ерменија

Александар Лукашенко, претседател на Белорусија

Роберт Фицо, премиер на Словачка

Мигел Дијаз Канел, претседател на Куба

Шахбаз Шариф, премиер на Пакистан

Касим Џомарт Токаев, претседател на Казахстан

Мин Аунг Хлаинг, шеф на хунтата на Мјанмар

Во соопштението на кинеското Министерство за надворешни работи се наведува дека на церемонијата ќе присуствуваат и лидерите на Камбоџа, Виетнам, Лаос, Индонезија, Малезија, Монголија, Непал, Малдиви, Узбекистан, Таџикистан, Киргистан, Туркменистан, Конго и Зимбабве.

Аналитичари: Школата на Путин, Си покажува моќ

Политичките аналитичари велат дека овогодишната парада е дизајнирана да го покаже влијанието на Си врз нациите кои имаат намера да го преобликуваат глобалниот поредок управуван од Западот.

„Си Џинпинг се обидува да покаже дека е многу силен, дека е сè уште моќен и добро прифатен во Кина. Кога Си беше само регионален лидер, тој се угледуваше на Путин и виде тип на лидер од кого може да учи – а сега е глобален лидер. Присуството на Ким покрај него, исто така, нагласува дека сега Си е глобален лидер“, рече Алфред Ву, вонреден професор на Факултетот за јавна политика „Ли Куан Ју“ на Националниот универзитет во Сингапур.


Лим Чуан Тионг, истражувач на Институтот за напредни азиски студии на Универзитетот во Токио, рече дека примарната цел на „привремениот спектакл“ е да се зајакне моќта на Си и силата на Комунистичката партија.

„Прославата на 80-годишнината … нужно не бара воена парада. Повеќето (лидери) нема да бидат таму за да ја прослават годишнината, туку да покажат почит кон Кина, кон кинеските претставници, туку за да избегнат нарушување на билатералните односи. Многу едноставно“ рече Лим, пренесе „Гардијан“.

Страв од протести во пресрет на парадата

Пред парадата, Пекинг започна кампања за да го нагласи „правилниот поглед“ на историјата на Втората светска војна, во која се нагласува дека Кина и Советска Русија одиграле клучна улога во борбата против фашистичките сили на азиските и европските боишта.

И додека сè изгледа како повик до нацијата за единство, Кина се соочува со забавена економија, невработеност кај младите и драстичен пад на цените на недвижностите. Побарувачката е слаба, а најновите податоци покажуваат дека царините на американскиот претседател Доналд Трамп го погодуваат индустриското производство. Истовремено, кампањата „против корупцијата“ продолжува, со извештаи за истраги против високи функционери.

Незадоволството, па дури и разочарувањето, особено кај младите, почнаа да излегуваат на површина – дури и на строго контролираниот кинески интернет, пишува „Би-би-си“.

Стравот дека сето ова може да се прелее во реалниот живот е делумно причината зошто биле спроведени исклучително претпазливи подготовки, кои се претворија во демонстрација на контролата на Партијата врз главниот град, кој е дом на повеќе од 21 милион луѓе. Градот станувал сè потивок како што се приближувала парадата.


На влезовите во одредени канцеларии се инсталирани скенери за безбедносни проверки како оние на аеродромите. Сите дронови биле забранети, а меѓународните новинари беа посетени во нивните сместувачки капацитети, некои дури и повеќе од еднаш, за пораката јасно да им се пренесе.


Стражарите се распоредени 24 часа на ден на влезовите на надвозниците и мостовите за да се спречат евентуални протести, а некои од нив се во воени униформи.

Пред три години, кога Комунистичката партија го избра Си Џинпинг за свој лидер за неговиот историски трет мандат, еден демонстрант разви транспарент преку голем автопатски мост критикувајќи го Си и повикувајќи на негово соборување. Тој беше веднаш уапсен и до ден денес не се знае што му се случило. Тоа е момент што Партијата не сака повторно да го доживее.


Властите во Пекинг не оставаат ништо на случајност на големиот ден на претседателот Си. Поради воената парада, животот на жителите на Пекинг е променет, барем привремено:


Тенковите минувале низ улиците ноќе, додека се одржувале пробите, а војниците марширале

Луѓето кои живеат во близина на авенијата Чанган, која води до плоштадот Тјенанмен, не смеат да излегуваат на своите балкони.

Училиштата, бизнисите и хотелите по должината на рутата на парадата ќе бидат затворени во следните два дена.

Бројните пренасочувања на сообраќајот и затворањето на линиите на метрото практично го парализираа транспортот до и од центарот на градот.

Работниците дури и отстранувале велосипеди од рутата на парадата.