И вечерва, како и во претходните денови, жителите на Ново Лисиче и Аеродром се жалат дека се чувствува мирис на изгорено во воздухот и не се дише.
По денешниот протест и кратката блокада кај мостот „Киро Глигоров“ поради дивата депонија Вардариште, граѓаните најавија дека утре повторно ќе излезат на улица. На денешниот собир видлив беше и транспарент со порака, „Вардариште е канцер“, а од институциите беше побарано без меѓусебни обвинувања да ја преземат одговорноста.
Следниот протест е закажан за утре, во 18 часот кај паркчето „Авионче“ во Ново Лисиче. Организаторите апелираат на масовност и истрајност, убедени дека само така може да се издејствува конечно решение за проблемот со Вардариште.
Претходно денес, О2 Иницијативата упати јавен апел до кандидатите за градоначалници и советници во Град Скопје, Аеродром и Гази Баба, барајќи итни решенија за санација на депонијата.
Аеродром претставен од малкумина. Ало Скопје?! Ако труежот не нѐ засега, не знам што треба да не засега. Заслужуваме подобро. Да повториме помасовно додека ова не се реши.
— Batakoja™️ (@batakoja) September 2, 2025
Секој ден во 18!😡 pic.twitter.com/V6UzyG5Q9s
„Доста е со молк, одлагања и префрлање на одговорност! Вардариште не е тема за кампања – тоа е закана за нашето здравје и иднината на Скопје,“ порачуваат од иницијативата, нагласувајќи дека очекуваат конкретни обврски и јавно дадени ветувања од сите кандидати.
Во апелот се наведени три приоритетни барања: Итна изработка на проектна документација за санација и ревитализација на Вардариште, со што Општина Гази Баба треба без одлагање да ги донесе потребните детални урбанистички планови; Привремени мерки додека проектите не стартуваат, како запечатување, оградување, осветлување, 24-часовна чуварска служба и видео надзор; Транспарентност и отчетност, со редовно известување за секој чекор, конкретни активности и прецизни рокови.
Од иницијативата потсетуваат дека станува збор за прашање кое не смее да се третира како обично предизборно ветување.
Во неделата голем пожар избувна во близина на Вардариште во Скопје, при што половина град остана без електрична енергија 5 часа.