Последниве четири години со ВМРО-ДПМНЕ на власт во Скопје видовме што значи хаос, неодговорност и целосно изолирање на интересите на граѓаните, видовме што значи партиските интереси да се пред здравјето на луѓето и заради политички инает да се уништи градот и претпријатијата, а со тоа и животот на граѓаните. Видовме како развојот на градот се кочи поради бизнис договори и како Скопје се уништува заради партиски профит, посочи денеска на прес-конференција кандидатката од редовите на СДСМ за градоначалничка на Град Скопје, Каја Шукова.
Вели ВМРО-ДПМНЕ го жртвуваше Скопје за да се пресметува со актуелната градоначалничка Данела Арсовска, која, како што рече, најпрво ја поддржаа, а потоа ја отфрлија. Според Шукова, доколку ВМРО-ДПМНЕ ја добие довербата од граѓаните на претстојните локални избори, наместо одговорно управување градот ќе биде претворен во поле за лични и партиски интереси.
– Никогаш нашиот град не бил толку далеку од своите граѓани и ова се случува секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ владее со градот. Тие го претвораат градот во свој партиски вилает за да ги спроведуваат партиските агенди, го претворија Скопје во заложник на нивните расправии и интереси сега, а во следните четири години ќе го претворат во поле за личните и партиски интереси, наместо да управуваат одговорно, го жртвуваа Скопје да се пресметуваат со градоначалничката која што прво ја поддржаа, потоа ја отфрлија. Денес секој булевар, секоја улица, секое маало сведочи за нивниот неуспех и тоа ние скопјани нема да го дозволиме повторно, рече Шукова.
Како резултат на ВМРО-ДПМНЕ, вели, изминатите четири години градот се соочи со целосно уништување на јавниот превоз, ѓубре насекаде без систем за чистење, како и културно пропаѓање и целосно уништување на урбаниот дух на градот.
– Сите знаеме низ што помина градот – јавниот превоз целосно уништен, ѓубре насекаде без систем за чистење, преполни контејнери, културно пропаѓање без дно и уништување на целиот урбан дух на градот е резултат само на ВМРО-ДПМНЕ и никој друг. Скопјани очекуваат решенија и искреност, политики кои што носат резултати, очекуваат чист, уреден и културен град. Очекуваат градоначалник со визија и план, без лажни ветувања и хартиени мега-проекти. Што нудат тие? Додека Скопје се дави во урбанистички хаос, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Орце Ѓорѓиевски отворено го брани криминалното дивограделство во Чаир. Наместо одговорност и решенија гледаме позирање со коалициски партнери од Влен, со истите кои што го создадоа овој урбан хаос, нагласи Шукова.