Лицe во Калифорнија доби позитивен тест за „црната смрт“, еден месец откако жител на Аризона почина од белодробна чума.
Одделот за здравство на Калифорнија соопшти дека жител на областа Саут Лејк Тахо е позитивен на чума. Официјалните лица на округот навеле дека пациентот закрепнува дома и прима медицинска нега. Властите веруваат дека лицето е заразено со каснување од инфицирана бува за време на кампување во областа Саут Лејк Тахо. Случајот се истражува, а граѓаните се предупредени да бидат внимателни.
Не се објавени дополнителни информации за идентитетот или состојбата на пациентот, освен дека боледува од оваа ретка болест, за која американскиот Центар за контрола и превенција на болести (CDC) наведува дека во САД во просек има околу седум случаи годишно.
Последниот случај на чума во областа Саут Лејк Тахо е забележан во 2020 година, а претходно, во 2015 година, две лица се заразиле по престој во Националниот парк Јосемити. Повеќето луѓе ја познаваат чумата под името „црната смрт“ од учебниците по историја, бидејќи во 14 век однела речиси половина од населението на Европа.
Постојат различни форми на чума, која денес кај луѓето е ретка и може да се лечи со антибиотици. Најчестата е бубонската чума, која се предизвикува со каснување од инфицирани буви. Најопасната форма е белодробната чума, која се развива кога нелечените форми на болеста се прошируваат на белите дробови.
Симптомите на бубонската чума кај луѓето обично се појавуваат во период од два до осум дена и вклучуваат: треска, главоболка, зголемени лимфни јазли и слабост.
Официјалните лица ги предупредуваат граѓаните (и нивните домашни миленици) да не допираат веверици или други диви глодари, особено оние што се мртви или повредени, бидејќи пупките најчесто од нив добиваат бактерии на чума. Домашните миленици исто така можат да пренесат буви заразени со чума.
Во јули беше потврдено дека жител на Аризона починал од белодробна чума, што беше првиот регистриран смртен случај од оваа болест во таа сојузна држава од 2007 година. Во тој случај, лицето дошло во контакт со умрено животно кое било заразено.