Она што требаше да биде одмор од соништата во Хрватска, за една германска фамилија се претвори во кошмар уште на самиот почеток.
Семејството од Германија платило речиси 2.500 евра за 12 дена во куќа за одмор со базен, но наместо уживање, ги пречекало огромно разочарување, пренесува „Dnevnik.hr“.
Запуштен и небезбеден сместувачки објект
Германскиот магазин „Stern“ пишува дека сместувањето кое било ветено на фамилијата Вероника Хермел, всушност било во крајно запуштена состојба и ништо не личело на фотографиите од огласот.
На снимките кои семејството ги направило во објектот се гледа мувла на ѕидовите, скршени плочки во и околу базенот, санитарии во очајна состојба и ризични скали и влезови во собите. Таванските светилки виселе на жици, а во дворот туристката дури снимала и искористен кондом.
„Фотографиите на страницата за изнајмување не можевме да ги зголемиме, па не се гледаше што е скршено или оштетено, ниту каде може човек да се повреди. Фотографиите беа очигледно уредувани во "Photoshop". Тоа едноставно не можевме да го прифатиме“, изјавила Вероника Хермел за „Stern.de“.
Veronika Hermel reist mit ihrer Familie nach Kroatien. Die versprochene Traumunterkunft entpuppt sich als Sanierungsfall. https://t.co/Hi3HIDv5ke
— stern (@sternde) July 20, 2025
Одбиени од агенцијата
Фамилијата веднаш ја контактирала агенцијата која го посредувала изнајмувањето, но наместо помош, добиле одбивање. Ниту им бил вратен парите, ниту им бил понуден алтернативен сместувачки објект.
По совет на адвокатот, одбиле да поминат и една ноќ во куќата, бидејќи тоа би значело дека ги прифаќаат условите. Останале три часа без сместување, сè додека не успеале да најдат друга куќа за одмор – која дополнително ги чинела 2.600 евра.
На почетокот на јули, агенцијата сепак им се извинила и им го вратила парите.