Градот кој често се опишува како „една од најдобро чуваните тајни во Европа“ е Рига.
Покрај импресивната архитектура покрај брегот на реката, главниот град на Латвија се гордее и со најголемиот пазар и базар на нашиот континент.
Рига е исто така најголемиот град во Латвија, со нешто помалку од 600.000 жители, а се наоѓа во истоимениот залив, на местото каде што реката Даугава се влева во Балтичкото Море.
Историскиот центар на Рига е вклучен во списокот на светско наследство на УНЕСКО. Познат е по својата архитектурата во југендстил како и по своите објекти од 19 век.
Додека нивниот познат пазар, кој во 1998 година исто така се најде на листата на значајни споменици се смета за еден од најпознатите градби од 20 век во таа земја.
Изграден во текот на шест години, почнувајќи од 1924 година, тој зафаќа импресивни 72.300 квадратни метри и има повеќе од 3.000 тезги.
Главната конструкција се состои од пет павилјони направени од рециклирани германски цепелински хангари, во комбинација од неокласицизам и арт деко стил.
Уште од 16 век, стока се продавала на бреговите на Даугава, а во 1863 година биле подигнати првите тезги. Сепак, тој пазар наскоро станал пренатрупан и работел во нехигиенски услови, па затоа било одлучено да се пресели на нова затворена локација.
За изградба на конструкцијата биле користени металните рамки на германските хангари од Првата светска војна од воздухопловната база Ваинјоде. Таму биле сместени цепелини, а во светот има пет такви преостанати хангари, од 9-те што некогаш постоеле.
Во текот на 20 век, Латвија била окупирана од неколку земји. Германија ја држела областа три и пол години, кога на селаните не им било дозволено слободно да ги продаваат своите производи, па затоа морале да ја снабдуваат германската армија и да ги носат производите на пазар само во ограничени количини. За време на подоцнежната советска окупација, во 1949 година пазарот бил преименуван во Централен колхозен пазар и бил прогласен за еден од најдобрите во земјата.
Го посетувале помеѓу 50.000 и 70.000 купувачи секој ден, а до 100.000 за време на викендите. Статистиката од 1961 година бележи продажба на 200.000 тони живина, 768.000 литри млеко, околу 7 милиони јајца и повеќе од 22.000 тони овошје и зеленчук.
Реконструираниот Гастрономски павилјон, кој бил затворен од есента 2016 година, повторно оживеал во јануари 2019 година, а реновирањето чинело околу 1,7 милиони евра.
Поради ширењето на супермаркетите, влијанието на пазарот во Рига почнува да слабее. Сепак, градските власти велат дека неговото зачувување останува еден од приоритетите. Денес, пазарот сè уште го посетуваат помеѓу 80.000 и 100.000 луѓе дневно.
Иако Централниот пазар во Рига е една од клучните одлики на главниот град на Латвија, тој е далеку од единственото место што вреди да се посети.
Меѓу атракциите што мора да се видат се Споменикот на слободата, во чест на војниците што загинале во латвиската војна за независност, црквата „Свети Петар“, катедралата Рига и Куќата на црните глави, најголемата јавна зграда во градот, која денес служи како центар за бројни настани и музеј. На првиот кат има свечени сали каде што во минатото се одржувале бројни престижни настани.