Велат, живееме онолку колку што некој ќе нè споменува. Преку тие луѓе и нивните зборови секогаш ќе сме присутни на земскиов свет. Иако физички не сме. Несомнено така е и за трагично загинатиот македонски пејач Андреј Ѓорѓиески. За неговата добрина, хуманост и храброст зборовите никогаш нема да пресушат. За пожртвуваноста која ја направи.
Меѓу луѓето кои неговата смрт најмногу ги погоди, е и еден од неговите најдобри пријатели Наум Петрески. Нивните дружби на и надвор од сцената ни беа познати на сите. Овој пат, Наум во чест на својот пријател ја испеа безвременската „Ако умрам ил загинам“ во оригинална изведба на легендарниот Јонче Христовски.
Ѓорѓиески често знаеше да каже дека Петрески му бил како втор татко, додека пејачот на народна музика и самиот повеќепати ја изразуваше болката по големата загуба. Со новата изведба и спотот, тој ја претвори личната тага во уметнички омаж што ќе остане за идните генерации.
Песната е дел од проектот „Македонијо, во срце те носиме“.
Овој пат проектот не говори само за татковината, туку и за пријателството – искрено, топло и трајно, преку видео кое на трогателен начин го прикажува пријателството меѓу Наум и Андреј од ДНК, кој трагично го загуби животот во пожарот во дискотеката во Кочани. Видеото содржи фотографии од дружбите на двајцата уметници и е посветено токму на споменот за Андреј – како музичар, пријател и човек.
Песната, во својата нова аранжманска визија потпишана од маестро Николче Мицевски, го задржува духот на оригиналната верзија на Јонче Христовски, кој е и комплетен автор на композицијата, но го пренесува со интензитет што се чувствува до најситните пори. Наум Петрески, со својот препознатлив глас, ѝ дава нов живот – како молитва за земјата, но и како проштална порака до сакан пријател.
„… Немој да ме жалите, напијте се рујно вино …“ – стиховите одекнуваат не само како патриотска порака, туку и како човечка желба за достоинствен спомен, за живот што се слави, а не се оплакува.
Дел од истиот проект се и композициите: „Не кажувај либе добра ноќ“ во изведба на Огнен Здравковски, „Како пиреј“ на Ламбе Алабаковски, „Се собрале комитите“ на Миле Кузмановски, „Како што е таа чаша“ на Спасен Силјаноски и „Ја излези стара мајко“ на Марија Спасовска.
Во продолжение на проектот се вклучени и песните „По друм одам мајче“ (Мина Блажев), „Горда Македонка“ (Зуица Лазова), „Запејте сите ангели“ (Бојана Скендеровски), „Нека живеј Македонија“ (Сузана Спасовска), „Мајко силна“ (Александар Тарабунов) и „Каде сте Македончиња“ (Андријана Јаневска).
Организатор на проектот е продукцијата „Скендеровски“.