Американците го депортираа поранешниот светски шампион – веднаш уапсен во Мексико

Точка

20/08/2025

11:46

634

Големина на фонт

а а а

Боксерот Хулио Сесар Чавез Џуниор е уапсен во Мексико по депортацијата од САД.

Американските власти го привеле Чавез помладиот уште во јули и го држеле во притвор повеќе од еден месец. Во меѓувреме бил депортиран во Мексико, каде што локалните власти го обвинија за поврзаност со наркокартелот „Синалоа“.

Познато е дека Чавез Џуниор имал контакти со „Синалоа“ картелот и дека бил во брак со роднина на озлогласениот Хоакин „Ел Чапо“ Гузман.

Налогот за негово апсење бил издаден во 2023 година, по четиригодишна истрага, а по пристигнувањето во земјата веднаш бил спроведен во затвор во сојузната држава Сонора. Националниот регистар на притворени потврди дека е приведен по преземањето на границата.


Депортацијата, како и постоењето на налог за апсење, ги потврди и претседателката на Мексико Клаудија Шајнбаум, додека јавниот државен обвинител сè уште не се огласил.

Мексиканските власти го товарат боксерот дека бил близок соработник на моќниот „Синалоа“ картел, кој од оваа година САД официјално го водат како терористичка организација.


Кариера и пад по борбата со јутјуберот

Чавез Џуниор има 39 години и е поранешен „WBC“ шампион во средна категорија во 2011 и 2012 година. Тој е син на легендарниот Хулио Сесар Чавез, троен светски шампион.

Во текот на кариерата, настапувал против големи имиња како Канело Алварез, Серхио Мартинез и Даниел Џејкобс, како и против познати ММА борци.

Во јуни годинава, во Анахејм, беше поразен на поени од јутјуберот Џејк Пол. Само пет дена по таа борба, беше уапсен во Лос Анџелес од страна на американската имиграциона служба „ICE“.


Чавез помладиот влезе во „САД“ во 2023 година со туристичка Б2 виза, која наводно истекла во февруари 2024. И покрај тоа, настапил против Ураја Хол во јули истата година, како и против Пол во јуни – што, најверојатно поради високата медиумска видливост, довело до неговото апсење.

Семејството на Чавез ги негира сите обвинувања, а неговиот прочуен татко јавно се огласуваше во негова одбрана.