Адриен Рабио се најде во неочекувана ситуација пред крајот на преодниот рок и тоа откако Олимпик Марсеј реши да го стави на трансфер листата по натпреварот со Рен.
Марсеј загуби во првата рунда на француското првенство, а по натпреварот Рабио имал физичка пресметка со соиграчот Џонатан Роу, за еден ден подоцна клубот да им соопшти на двајцата дека мора да заминат од редовите на Олимпик.
Адвокатот на Рабио вели дека тој и неговиот клиент биле шокирани од развојот на настаните, а истовремено смета дека клубот го користи инцидентот за да се ослободи од искусниот фудбалер, па и да заработи нереална сума од трансферот.
– Адриен работеше напорно и максимално посветено на актуелниот проект во Марсеј, бевме шокирани од информацијата дека е ставен на трансфер листата.
– Имаме сериозни сомневања во целата приказна на клубот, неточно е дека однесувањето на Рабио се променило последниот период. Се работи за фабрикуван случај, ја користат петочната епизода за да се ослободат од Адриен. Од друга страна, бараат 15 милиони евра за фудбалер што инсистираат да замине, тоа е нереална сума, – рекол адвокатот на Рабио.