Манчестер Јунајтед долго бараше и преговараше за нов напаѓач и конечно го ангажираше Бенџамин Шешко, за кого клубот ќе исплати најмалку 74 милиони фунти.
Словенецот веќе дебитираше за „црвените ѓаволи“, од него фановите очекуваат многу голови, но една поранешна фудбалска ѕвезда не е толку оптимист во однос на ефектот на Шешко во Јунајтед.
Се работи за поранешниот германски репрезентативец Дитмар Хаман, кој го споредува Шешко со Дарви Нуњез, кој неодамна го напушти Ливерпул, клубот за кој Хаман настапуваше во рамките на својата кариера.
Германецот претходно констатирал дека Уругваецот бил трансфер промашување на Ливерпул, затоа што не ги исполни очекувањата, но дека и тоа е дел од фудбалот.
– Не сум сигурен дека фановите на Јунајтед ќе сакаат да го слушнат ова, но мислам дека Шешко е многу сличен играч на Дарвин.
– Шешко има височина и брзина, технички е надарен, најмногу ме потсетува на Нуњез. Ќе мора да се докаже дека е подобар реализатор, притисокот во Јунајтед ќе биде многу поголем од тој во Лајпциг, каде сепак не постигнуваше и толку многу голови.
– Последните десет години во Јунајтед дојдоа многу квалитетни напаѓачи, но не успеаја да се докажат. Тој има капацитет, но нема да биде лесно да ги оправда очекувањата, – вели Хаман.