Во западниот дел од Грција, во непосредна близина на Кефалонија се наоѓа Итака, островот на којшто живеат неколку илјади жители благословени да уживаат во неверојатните убавини кои природата им ги подарила.
Тиркизно синото море и појасите на шумата изгледаат како да излегле од рајот.
Околу тоа како островот го добил името секогаш постојат повеќе приказни. Според некои извори, за името заслужен е митолошкиот херој Итакус којшто со браќата во 1320 година пред наша ера го колонизирал овој островски рај.
Според други извори, се наведува дека Итака го добил името по грчките зборови кои во превод значат весел.
Она што никој не го доведува до прашање е симболиката на зборот „итака“ која означува цел, тежнеење кон татковината, носталгија.
Симболот на островот е и Одисеј, Итака ширум светот е познат и како дом на Хомеровиот јунак опеан во Илијада и Одисеја.
Одисеј, според Хомер, бил крал на Итака, херој којшто имал голема улога во Тројанската војна после која се вратил во својата татковина каде појака од сите гласини и искушенија го чекала верната и мудра Пенелопа.
На овој остров историјата мириса на секој чекор каде и да погледнете, ќе почувствувате како да ја гледате Пенелопа која на островот којшто татко ѝ, ѝ го дал верно го чекала својот сакан.
Итака ја има таа необјаснива моќ да го ослободи секој којшто чекори по него и да го инспирира да го согледа животот од друга перспектива. И, не е посебен само поради тоа.
Песочните плажи по кои се шири мирисот на боровите шуми ќе ве натера да заборавите на секојдневните проблеми и да се препуштите во апсолутниот одмор. Доколку изберете некоја дива плажа, какви што на островот има многу, враќањето во баланс во животот ви е гарантирано.
Тиркизното и топло море од телото ќе ја извлече и последната тронка умор и ќе направи по излегувањето од водата да се чувствувате како повторно да сте се родиле.
За вкусната грчка храна која ја има на овој остров не треба многу да се зборува.
Иако помалку познат од своите јонски соседи, Итака ги освојува туристите со својата тишина, богато зеленило и шармантни плажи.
Сместен е во длабокиот природен залив, опкружен со брда покриени со зеленило, Вати е главниот и најголем град на Итака. Неговата посебна убавина се гледа и во амфитеатралниот распоред на куќите кои се спуштаат кон водата, создавајќи сцени кои го одземаат здивот.
Вати, иако административен центар на островот, успеал да го задржи шармот на мало рибарско место. Неговите тесни улички, шарени куќички со црвени кровови и бројни таверни и кафулиња покрај морето го прават идеално место за прошетки, уживање во локалните специјалитети и впивање на автентичната атмосфера на Јонското море.